Во Владата се одржа десеттиот состанок на Секторската работна група за регионален и локален развој.
Со состанокот претседаваше Ерџан Селими, заменик министер за локална самоуправа, кој повика на отворен дијалог и суштинска размена на ставови меѓу сите релевантни чинители, со цел креирање политики кои се темелат на реалните потреби и искуства од терен.
Од страна на претставничката на Делегацијата на ЕУ, г-ѓа Marie-Madalene Kanellopoulou, беше истакната важноста на процесот на унапредување на локалната самоуправа, децентрализацијата и регионалност развој, за вкупниот напредок на државата на патот кон ЕУ.
Г-ѓа Kanellopoulou, ги поздрави напорите на МЛС за унапредување на нормативната рамка, особено за актуелниот процес на измени и дополнувања на регулативата за меѓуопштинска соработка, во делот на меѓународната соработка, како можност за искористување на фондовите кои им се достапни на општините преку членување во меѓународни групации.
Таа ја истакна и важноста на продолжување на дијалогот помеѓу различни нивоа на власт и продолжување на сорoботката со невладниот сектор во широки инклузивни процеси на консултации и соработка, како клучен фактор за постигнување на напредок во областа на децентрализацијата како мултисекторски процес.
На состанокот од страна на Јулијана Павковска Боцевска, државен секретар, беа презентирани тековните активности и иницијативи што Министерството ги реализира и координира со поддршка од Владата и партнерите, насочени кон унапредување на локалната самоуправа и поттикнување на рамномерен и одржлив локален развој во сите плански региони.
Во рамки на презентацијата беше и Извештајот за реализација на активностите од Акцискиот план за спроведување на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021–2026, со осврт на постигнатите резултати во 2025 година, како и насоките за подготовка на новиот стратешки документ за периодот 2027–2032.
Од страна на Андриана Стојановска, државен советник за регионален развој, беа презентирани активностите на Ресурсниот центар, како клучен механизам за поддршка на општините преку обезбедување експертиза, алатки и решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат.
Во продолжение на состанокот, Митко Јанкулоски, раководител на Секторот за регионален развој, ги презентираше активностите поврзани со спроведувањето на програмите за финансирање на проекти и процесот на оценување на Стратегијата.
Во дискусијата се вклучија Лилјана Затуроска, Национален координатор за локална самоуправа во Владата, како и Ардита Дема Мехмети, заменик извршен директор на ЗЕЛС, кои дадоа значаен придонес во размената на мислења и препораки.
Министерството останува посветено на градење партнерски однос со локалната власт, со јасна цел – создавање функционална, поврзана и просперитетна држава во која секој регион и секоја општина имаат еднаква можност за развој.