Иван Стоилковиќ
Министер во Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија
Министер во Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија
Иван Стоилковиќ е политичар и дипломиран правник со повеќедецениско искуство во законодавната и извршната власт. Роден е на 15 февруари 1962 година во Куманово.
Основното и средното образование ги завршува во Куманово, а дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се стекнува со звањето дипломиран правник.
Професионалната кариера ја започнува во 1986 година како претседател на Младинскиот совет во Куманово, функција што ја извршува до 1990 година. Во 1992 година основа приватно градежно претпријатие, со кое успешно раководи до 2002 година.
Од 2002 до 2024 година е пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. Во текот парламентарните мандати активно учествува во работата на повеќе собраниски комисии и парламентарни тела, меѓу кои Уставната комисија, Законодавно-правната комисија, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Комисијата за европски прашања, Комисијата за одбрана и безбедност, како и Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – Европска Унија.
Во периодот од 2024 до 2026 година ја извршува функцијата заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците. Од јули 2026 година ја извршува функцијата министер за локална самоуправа.
Од 2001 година е претседател на Демократската партија на Србите во Македонија. Во своето долгогодишно политичко дејствување посветено работи на унапредување на правата на заедниците, развојот на меѓуетничката соработка и зачувувањето на културниот идентитет на српската заедница во Република Северна Македонија. Неговиот придонес кон српската заедница вклучува иницијативи за одбележување на Денот на Свети Сава, поставување споменици и спомен-плочи, како и промоција на српската култура и традиција во Македонија.
Во 2005 година успешно ја завршува програмата на USAID во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, посветена на развојот на стратегиските комуникации, а во 2006 година ја завршува забрзаната школа за безбедност во Центарот „Џорџ К. Маршал“ во Германија.
За својот придонес во јавниот и општествениот живот е добитник на повеќе признанија и одликувања, меѓу кои „Златната значка“ на Културно-просветната заедница на Србија и Министерството за надворешни работи на Република Србија, како и „Крст на вождот Ѓорѓе Стратимировиќ“, доделен од Шајкашкиот развоен центар.
Течно говори македонски и српски јазик, а активно се служи и со англиски јазик.