Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Во Гевгелија се одржува тридневна работилница за трансфер на алатки за локален развој кон МЛС и Ресурсниот центар

Во Гевгелија се одржува тридневна работилница за трансфер на алатки за локален развој кон МЛС и Ресурсниот центар
Во Гевгелија денеска започна тридневната планирачка работилница „Трансфер на ОРИ, ИЛРП и ФТД кон Министерството за локална самоуправа и Ресурсниот центар“, која се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на општинските капацитети за имплементирање на проекти – Фаза 2“.
 
Работилницата, која ќе трае до 16 септември, е посветена на процесот на трансфер на Општинскиот развоен индекс (ОРИ), Интегрираното локално развојно планирање (ИЛРП) и Фондот за техничка документација (ФТД) кон Министерството за локална самоуправа и Ресурсниот центар.
 
Државниот секретар во МЛС, г. Владимир Стојановиќ, на отворањето на работилницата истакна дека трите алатки веќе ја покажале својата практична вредност и дека нивното системско интегрирање во редовната работа на Министерството е важен чекор за унапредување на поддршката што им се обезбедува на општините.
 
„Не е доволно само формално да ги преземеме документите и инструментите. Неопходно е да обезбедиме кадар кој суштински ќе знае како тие функционираат, како се одржуваат и ажурираат и како практично се применуваат во секојдневната работа“, истакна Стојановиќ.
 
Во текот на трите дена, претставници на МЛС, УНДП, проектниот тим и експерти ќе работат на дефинирање на конкретните чекори за непречен трансфер и понатамошно функционирање на трите алатки. Посебен фокус е ставен на подготовката на човечките капацитети, потребните знаења и вештини, како и на времето и ресурсите неопходни за нивна целосна примена.
 
Целта е да се воспостави одржлив модел преку кој трите алатки ќе станат составен дел од работата на МЛС, а на оперативно ниво ќе се управуваат преку Ресурсниот центар, во соработка со релевантните институции и експерти.
Со нивното институционализирање, Министерството дополнително ќе ја зајакне поддршката за општините во планирањето на локалниот развој, подготовката на квалитетни проекти и нивната успешна реализација.
 
Крајната цел е општините да имаат посилни капацитети за планирање и развој, што ќе придонесе кон подобри услуги и поквалитетен живот за граѓаните.
На работилницата беше изразена благодарност до Амбасадата на Шведска, УНДП, проектниот тим и експертите за досегашната поддршка и придонесот во развојот на овие механизми.

Мени за пристапност