За развојните приоритети на Општина Гевгелија и активностите што ги спроведува Министерството за локална самоуправа се разговараше на средба што ја оствари министерот за локална самоуправа, Златко Перински, со градоначалникот Андон Сарамандов, советниците и општинската администрација, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“.
Во рамки на посетата беше направен и увид во реализацијата на ИПА проектот „Алтернативни балкански рути за мобилност за одржлив туризам“, кој се реализира преку програмата Interreg ИПА со Бугарија.
Една од главните инвестиции на проектот во Општина Гевгелија е реконструкцијата на постоечкиот објект – старото училиште во селото Серменин, кое ќе биде трансформирано во мултифункционален туристички едукативен центар.
Проектот не значи само нова инфраструктура, туку создава нов туристички производ кој ќе го поврзе регионот и ќе отвори нови можности за локалниот бизнис, туризмот и младите.
Југоисточниот регион има значителен потенцијал за развој на туризмот, а ваквите проекти претставуваат пример како европските програми се претвораат во конкретни инвестиции на терен.
Преку двата јавни повика за капитална инфраструктура, Владата за Општина Гевгелија одобри 11 проекти во вредност од 221.514.791 денари.