Министерството за локална самоуправа и ИНОВА официјално го означија почетокот на проектот „Месеци на практиканство“, кој има за цел да им овозможи на студентите од државните универзитети да стекнат практично работно искуство во своите матични општини, согласно нивната струка.
Во рамки на првиот циклус, повеќе од 60 студенти ќе започнат со практикантска работа во општините низ државата, стекнувајќи практични знаења и искуства преку директно вклучување во работата на локалната самоуправа.
Обраќајќи се на настанот, министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ истакна дека образованието е темел на секое општество, но дека неговата вистинска вредност се потврдува тогаш кога знаењето се применува во пракса.
„Со оваа програма инвестираме во младите, во нивното знаење и професионален развој, но и во иднината на локалните заедници. Кога вложуваме во знаењето, ја градиме иднината“, истакна министерот Стоилковиќ.
Тој упати благодарност до ИНОВА за партнерството, како и до сите општини кои безрезервно се вклучија во проектот, препознавајќи ја неговата важност за создавање нови можности за младите и за развојот на локалните заедници.