Министерството за локална самоуправа, со поддршка на Швајцарската Влада, изготви нова дигитална алатка за следење на развојните потенцијали на планските региони, преку систематско следење на 12 клучни области кои го отсликуваат нивниот социо-економски и демографски развој, инфраструктура, земјоделство и рурален развој, образование, туризам, култура, спорт, противпожарна заштита, животна средина и урбанистичко планирање.
Со оваа алатка се овозможува транспарентно и континуирано следење на напредокот на регионите, што претставува значаен инструмент за анализа, планирање и усогласување на регионалните политики со националните и европските стандарди.
Денеска беше одржан состанок со Центарите за развој на планските региони, на кој беа договорени механизмите за собирање и обработка на податоците од општините, со цел обезбедување навремени и прецизни информации.
Ова претставува уште еден чекор кон унапредување на регионалниот развој и зајакнување на транспарентноста во интерес на граѓаните.