Министерот за локална самоуправа Златко Перински ги презентираше резултатите од работата во изминатите две години, при што истакна дека е направена суштинска промена во пристапот кон локалната самоуправа и регионалниот развој – од справување со последиците од долгогодишните проблеми кон нивно системско решавање и создавање услови за одржлив развој.
Во обраќањето беа презентирани клучните резултати од изминатиот период, меѓу кои поддршката за 1.116 инфраструктурни проекти во вредност од 18,4 милијарди денари, воспоставувањето на Ресурсниот центар за поддршка на општините, реформите во законската рамка, активностите за зајакнување на финансиската стабилност на општините и мерките за унапредување на рамномерниот регионален развој.
Посебен акцент беше ставен и на искористувањето на европските фондови и прекуграничната соработка, во чии рамки во моментов се имплементираат 39 проекти со вкупна вредност од над 21 милион евра за македонските корисници, додека дополнителни 23 проекти се во фаза на потпишување во вредност од околу 6 милиони евра.
Министерот порача дека најзначајниот резултат не се само реализираните проекти, туку воспоставувањето на системски решенија кои создаваат основа за посилни општини, одржлив регионален развој и поквалитетни услуги за граѓаните.