Во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари средба со градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, и претставници на Советот на општината. На средбата се разговараше за клучните активности на Министерството, тековните и идните развојни проекти на општината, како и за можностите за поддршка со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.
Во рамки на посетата беше извршен и увид на реализацијата на проектот „G-pact“ финансиран преку првиот повик на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) ИПА помеѓу Бугарија – Македонија, Приоритет 1: Позелен пограничен регион, кој има за цел намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на урбаното живеење.
Вкупната вредност на проектот за Општина Струмица изнесува 391.918 евра, од кои 15% се кофинансирани од Министерството за локална самоуправа.
Со проектот се воспоставува нов зелен јавен простор со вкупна површина од 12.712 м², со современ парк наменет за рекреација, урбана опрема, пешачки патеки, мал отворен амфитеатар за деца и фотоволтаичен систем за енергетска ефикасност.
Министерството за локална самоуправа продолжува со средби и поддршка на општините во насока на рамномерен и одржлив локален развој.