Зајакнувањето на институционалните, управувачките и административните капацитети на локалните и регионалните власти, како предуслов за поефикасно управување и успешна прекугранична соработка, е во фокусот на дводневниот настан „Експертска рецензија за управувањето и градењето административни капацитети“, кој денеска започна во Охрид.
Дводневниот настан се одржува во рамките на Програмата за прекугранична соработка ИПА III Северна Македонија – Албанија (2021–2027), со поддршка на Interreg Europe, а на него учествуваат претставници на европските институции, експерти од различни европски земји, претставници на институциите од РС Македонија и Р Албанија, како и други чинители вклучени во спроведувањето на програмата.
Настанот го отвори Владимир Стојановиќ, државен секретар во Министерството за локална самоуправа, кој во своето обраќање ја истакна важноста на зајакнувањето на институционалните, управувачките и административните капацитети на локалните и регионалните власти, како и улогата на прекуграничната соработка во создавањето услови за одржлив локален и регионален развој.
Прекуграничната програма Северна Македонија – Албанија опфаќа значаен регион со богато природно и културно наследство, заедничка историја и голем развоен потенцијал, но и предизвици поврзани со депопулацијата, недоволната инфраструктура, природните катастрофи и заштитата на животната средина. Во таа насока, програмата е насочена кон два тематски приоритети: заштита на животната средина и зголемување на отпорноста на регионот, како и развој на одржлив туризам и заштита на природното и културното наследство.
Посебно значење во актуелниот програмски период има Тематскиот приоритет 7 – Управување, планирање и градење административни капацитети на локалните и регионалните власти, кој е интегриран во програмата. Неговата цел е зајакнување на институционалните капацитети на јавните власти, промовирање ефикасна јавна администрација и надминување на правните и другите пречки во пограничните региони, во согласност со принципите на добро управување.
Во своето обраќање, Стојановиќ нагласи дека општините имаат клучна улога во овој процес и дека успешноста на програмата зависи од нивната подготвеност, посветеност и способност да креираат и спроведуваат развојни проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните. Преку ИПА III програмата, локалните власти добиваат можност да ги зајакнат своите административни капацитети, да воспоставуваат партнерства со општините од Албанија и да развиваат решенија за подобрување на квалитетот на животот во локалните заедници.
Во текот на дводневниот настан, преку презентации, дискусии и размена на искуства, учесниците ќе ги разгледуваат предизвиците во управувањето и спроведувањето на програмата, како и можностите за унапредување на административните и институционалните процеси. Експертската рецензија овозможува вклучување на европски експерти и колеги од различни земји, чии знаења и препораки ќе придонесат за поефикасна имплементација на Тематскиот приоритет 7.
Министерството за локална самоуправа изразува благодарност до Interreg Europe за прифаќањето и поддршката на оваа иницијатива, со која се овозможува размена на европски искуства и стручна помош во спроведувањето на програмата, како и до Европската Унија и Делегацијата на ЕУ за континуираната поддршка, двете оперативни структури, Заедничкиот технички секретаријат и сите партнери и заинтересирани страни вклучени во прекуграничната соработка.
Преку ваквите иницијативи не се поврзуваат само институциите, туку и луѓето, знаењата и идеите, создавајќи основа за заедничка иднина и регион кој е поотпорен, поодржлив и попривлечен за живеење и работа.