Во Кичево се одржа вториот консултативен настан за унапредување на меѓуопштинската соработка, на кој беа презентирани нацрт измените и дополнувањата на Законот за меѓуопштинска соработка.
Настанот обедини претставници од 24 општини од Југозападниот, Полошкиот и Пелагонискиот плански регион, како и градоначалници, претседатели на општински совети, претставници на општинската администрација, граѓанскиот сектор и членови на Комисијата за меѓуопштинска соработка и Работната група за подготовка на законските измени.
Во своето обраќање, заменик министерот за локална самоуправа Ерџан Селими истакна дека предложените измени имаат за цел да ја направат постојната законска рамка појасна, попрактична и полесно применлива за општините, со што ќе се создадат подобри услови за поефикасна меѓуопштинска соработка и поквалитетни услуги за граѓаните.
Во рамки на настанот, државниот секретар м-р Јулијана Павковска Боцевска и раководителката на Секторот за локална самоуправа, Сузана Најкова, ги презентираа активностите што Министерството за локална самоуправа ги спроведува за унапредување на меѓуопштинската соработка и имплементација на препораките од оценските мисии во областа на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Консултативниот процес продолжува со активно вклучување на сите засегнати страни, со цел да се обезбеди современа и функционална законска рамка која ќе ги поддржи општините во поефикасното извршување на нивните надлежности.
Активноста се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ финансиран од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија а имплементиран и кофинансиран од УНДП.