Министерот за локална самоуправа, г. Иван Стоилковиќ, учествуваше на 10. Национална конференција за програмите за европска територијална соработка, која се одржува во Нови Сад, Србија.
Во своето обраќање, министерот Стоилковиќ истакна дека европската територијална и прекугранична соработка има особено значење за локалните заедници, овозможувајќи размена на искуства, развој на партнерства и реализација на конкретни проекти од интерес за граѓаните.
„Преку европската територијална соработка создаваме можности локалните заедници заеднички да одговорат на предизвиците, да ги развиваат своите капацитети и да ги искористат локалните потенцијали. Не станува збор само за финансиска поддршка, туку и за градење долгорочни партнерства и доверба меѓу институциите и заедниците“, истакна Стоилковиќ.
Министерството за локална самоуправа е Национален орган за ИПА III Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2021–2027. Вториот повик во рамки на Програмата, во вредност од 4,2 милиони евра, се очекува да биде објавен во октомври и ќе отвори нови можности за општините, институциите и организациите.
Министерот упати благодарност до Европската Унија и Делегацијата на ЕУ за континуираната поддршка, како и до партнерите од Србија за досегашната успешна соработка, со порака дека Министерството ќе продолжи да работи на јакнење на можностите за локален и регионален развој.