Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и други владини претставници, беше еден од учесниците на настанот „Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и УНФПА“.
На настанот се презентираше петгодишната програма на Владата и УНФПА за период 2026-2030 година, преку која ќе се таргетираат клучните демографски предизвици и искористување на човечкиот капитал.
Министерството за локална самоуправа, согласно со своите надлежности, веќе презема активности за овозможување на координирана распределба на средства од различни институции за постигнување на рамномерен развој, со фокус на регионите кои заостануваат според економско - социјални и демографски индикатори.
Визијата за рамномерен регионален демографски развој главно се темели на изнаоѓање на мерки и начини за зголемување на атрактивоста на регионите за задржување на населението преку намалување на економските и социјалните диспаритети, јакнење на економските и социјалните функции и создавање поголеми можности за квалитетно живеење.