Министерот Перински во наредните неколку дена како дел од делегација на Владата, заедно со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и генералниот секретар, Игор Јанушев ќе присуствува на 74th National Prayer Breakfast во Вашингтон – традиционален настан што обединува политички лидери, верски заедници и претставници од целиот свет.
Во рамки на посетата се предвидени и средби со претставници на институции и организации од меѓународната заедница, насочени кон продлабочување и унапредување на соработката, како и кон отворање нови можности за институционално партнерство.
Како дел од предвидените средби во работната агенда во рамки на поширока делегација, беше остварена средба со Daniel Twining, претседател на Меѓународниот републикански институт и Stephen Nix, виш директор за Европа и Евроазија.
Главните теми на дискусија беа во насока на зајакнување на политичкиот дијалог, програми за унапредување на демократските процеси, можностите за продлабочување и отворање на нов простор за соработка.
ИРИ делува во Македонија преку својата регионална канцеларија во Белград, Србија и регионалната програма за поддршка на политички партии и политички процеси.
Досега клучниот фокус на нивната поддршка во Македонија беше насочен кон иницирање и поддршка на антикорупциски и етички реформи, зајакнување на транспарентноста и капацитетите на политичките партии и владините кабинети преку стандарди, обуки и кодекси, како и спроведување истражувања на јавно мислење и програми за комуникации, кампањи и политики базирани на докази.