Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и други владини претставници, беше еден од говорниците на денешниот настан „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, кој се одржува во рамките на консултативниот процес за развој на стратешки документи за демографска отпорност.
Министерот Перински ја истакна важноста од вклучување на сите чинители и носители на политики во отворен и конструктивен дијалог, со цел заедничко справување со демографските предизвици што ја засегаат секоја општина и секој граѓанин.
„Иако полицентричниот развој треба да биде основа на регионалната политика, досега недостигаше вистинска политичка волја и координација за системски развој на сите региони. Демографските трендови со кои се соочуваме, како што се одливот на население и нерамномерната населеност, се директна последица на тоа“, истакна министерот Перински. Тој посочи дека Министерството за локална самоуправа, согласно со своите надлежности, веќе презема активности за овозможување на координирана распределба на средства од различни институции за рамномерен развој, со фокус на регионите кои заостануваат според економско - социјални и демографски индикатори.
Меѓу клучните алатки кои се воведуваат, посочи Перински, е Индексот за општински развој, со кој ќе се следи напредокот на општините во испорака на јавни услуги и ќе се овозможи подобро насочување на развојните политики од страна на Владата, донаторите и партнерите.
„Потребна е поголема отчетност и планирање засновано на податоци. Затоа го зајакнуваме и Советот за рамномерен регионален развој, каде заеднички одлучуваме со министрите и градоначалниците за најгорливите приоритети“, додаде Перински кој во своето обраќање нагласи дека поддршката на локалната економија и подобрувањето на инфраструктурата се меѓу врвните приоритети. Тој ја посочи потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините и Програмата за рамномерен регионален развој како конкретни чекори кои веќе даваат резултати. „Демографските показатели не се само статистика, тие се директна слика за условите на живот во различни делови на државата. Само преку заедничка работа и интегрирани политики ќе обезбедиме одржлив развој и достоинствен живот за сите граѓани, без разлика каде живеат“, заклучи Перински на настанот кој се одржа како дел од активностите во рамки на подготовка на Стратегијата и Националниот план за демографија, согласно стратешките цели на Националната развојна стратегија.