Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Четврт повик за финансирање техничка документација

Институција која огласува: Министерство за локална самоуправа

Рок на пријавување: 30/11/2026

Министерството за локална самоуправа и Ресурсниот центар за поддршка на развојот на  општините, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), го објавуваат четвртиот повик за финансиска поддршка за изработка на техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти во рамките на Фондот за техничка документација (ФТД).

Повикот е отворен за сите 80 општини и центрите за развој на осумте плански региони во Северна Македонија. Поддршката е наменета за подготовка на квалитетна техничка документација за проекти што ќе придонесат за подобрување на јавните услуги, локалниот економски развој, заштитата на животната средина и рамномерниот регионален развој.

Барањата за грант се доставуваат електронски, најдоцна до 30 ноември 2026 година, до 16:30 часот, истовремено на двете електронски адреси: contact@rco.gov.mk и naumche.tashovski@undp.org.

Во рамките на четвртиот повик, предвиден е вкупен ориентациски буџет до 27.092.500 денари (УСД 500,000), кој ги опфаќа грантовите и техничката ревизија. Предвидени се две категории грантови:

-            Мали грантови: до 1.354.625 денари (УСД 25,000), со минимално сопствено кофинансирање од 270.925 денари (УСД, 5,000).

-            Големи грантови: до 2.709.250 денари (УСД 50,000), со минимално сопствено кофинансирање од 541.850 денари (УСД 10,000).

Индикативно, се планира доделување на најмалку три големи и околу десет мали грантови, зависно од расположливите средства и квалитетот на поднесените барања. Четвртиот повик опфаќа поширок спектар инфраструктурни приоритети, меѓу кои:

-            Комунална и транспортна инфраструктура;

-            Енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и јавна дигитална инфраструктура;

-            Образовна, здравствена и социјална инфраструктура;

-            Инфраструктура за земјоделство и рурален развој;

-            Културни, спортски и рекреативни објекти;

-            Управување со отпад, отпадни води и заштита на животната средина.

 

Финансиската поддршка е наменета исклучиво за подготовка на техничка документација, вклучително идејни и основни проекти, потребни истражувања, анализи и придружни елаборати. Со грантовите не се финансираат градежни работи или набавка на опрема.

Право на аплицирање имаат општините со индивидуални или меѓуопштински проекти, како и центрите за развој на планските региони со регионални проекти.

Избраните апликанти ќе потпишат соодветни договори за грант и ќе добијат стручна поддршка во процесот на подготовка на техничката документација и спроведувањето на проектите.

Сите информации за условите за учество, висината на грантовите, потребната документација, постапката за аплицирање, критериумите за оценување и спроведувањето на грантовите се содржани во следните документи:

-            Четврт повик за финансирање техничка документација – македонски јазик (линк)

-            Четврт повик за финансирање техничка документација – албански јазик (линк)

-            Анекс 1 – Формулар за поднесување барање за грант  (линк)

Барањата се пополнуваат на македонски јазик и се доставуваат во PDF-формат, со видливи потписи. Вкупната големина на приложените документи не треба да надминува 20 MB.

Заинтересираните апликанти може да испратат прашања поврзани со повикот на наведените електронски адреси.

Информативна онлајн сесија ќе се одржи на 10 ноември 2026 година, со почеток во 11:00 часот. Линкот за учество ќе биде објавен преку официјалните комуникациски канали на Министерството за локална самоуправа, Ресурсниот центар и УНДП.

Фондот за техничка документација е инструмент за финансиска и техничка поддршка на општините и планските региони, воспоставен во рамките на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти Фаза 2“, со финансиска поддршка од Шведска, во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и ЗЕЛС.

Мени за пристапност