Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Известување за привремено воспоставување вонреден режим на водење на канцелариското и архивското работење во хартиена форма и технички прекин во користењето на Информацискиот систем за канцелариско и архивско работење

Ве известуваме дека поради настанатиот поголем технички дефект на електричната инсталација во деловниот објект „Нова Македонија“ во Скопје, каде просторно е сместено седиштето на Министерството за локална самоуправа, настанат е целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија, прекин на информатичко-комуникациските врски и паѓање на локалната мрежна опрема и сервери. Поради овие причини, целосно е оневозможен пристапот и користењето на Информацискиот систем за канцелариско и архивско работење.

Согласно Заклучокот на Владата на Република Северна Македонија донесен на нејзината 216-та седница одржана на 29.09.2026 година (Точка 28, бр. 57-7769/1), со кој на институциите сместени во зградата им се укажува работниот процес да го организираат преку работа од дома или на друг соодветен начин до 06.10.2026 година, односно до известување од Службата за општи и заеднички работи на Владата за отстранување на дефектот, а заради остварување на континуитетот на законските надлежности на органот и заштита на правата и правните интереси на странките и граѓаните, министерот за локална самоуправа на ден 31.09.2026 година донесе Одлука за привремено воспоставување вонреден режим на водење на канцелариското и архивското работење во хартиена форма.

Врз основа на донесената Одлука, во периодот до целосно отстранување на дефектот и нормализирање на напојувањето со електрична енергија:

-        Канцелариското и архивското работење ќе се води исклучиво во материјална (хартиена) форма преку основни хартиени евиденции (деловодници, уписници и доставни книги), при што дежурната писарница на Министерството обезбедува непречен физички прием на поднесоците;

-        Преземени се сите соодветни мерки за физичко обезбедување, заштита и сместување на новосоздадениот и тековниот документарен и архивски материјал во безбедни простории и папки согласно важечкиот План на архивски знаци, со цел да се спречи какво било оштетување, исчезнување или уништување на списите;   

-        Веднаш по добивање известување од СОЗР за завршена санација на електричната мрежа и воспоставување стабилно напојување и ИКТ врска, овластените лица од Министерството за локална самоуправа веднаш ќе пристапат кон задолжителен ретроактивен внес на сите податоци и метаподатоци од хартиените деловодници во електронскиот систем, како и дигитализација (скенирање) на хартиените списи;   

-        Заради безбедна ресинхронизација корисничките профили, ретроактивен внес на сите податоци и зачувување на интегритетот на архивската база на податоци, се повикуваат стручните служби од Министерството за дигитална трансформација по нормализирање на електричното напојување да обезбедат соодветна техничко-системска поддршка.

            Ова заедничко известување Ви го доставуваме согласно вашите надлежности за следење на состојбите со архивскиот материјал, надзорот над имателите на јавен архивски и документарен материјал, како и управувањето, безбедноста и одржувањето на Информацискиот систем за канцелариско и архивско работење.

Мени за пристапност