Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска со градоначалниците на општините Крушево и Кривогаштани разговараше за реализацијата на проектите финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, како и за предизвиците со кои што се соочуваат општините во извршувањето на нивните надлежности.

На средбата со градоначалникот на Крушево Томе Христоски се разговараше за развојните потенцијали на општината и поддршката од Министерството за локална самоуправа и од Бирото за регионален развој во решавањето на важни, пред се комунални и инфраструктурни прашања со кои се подобрува квалитетот на живеење, а се зголемуваат и можностите за развој на туризмот. Беше истакнато дека во последните две години во општина Крушево се финансирани три проекти само од оваа буџетска програма преку кои се направи реконструкција на дел од локалната патна инфраструктура, како и на вододоводната инфраструктура во с. Јакреново. 

Од страна на градоначалникот на општина Кривогаштани, Николче Мискоски, беше истакната потребата од финансиска поддршка на проекти за реконструкција на локални улици. Беше истакната поддршката преку Програмата за рамномерен регионален развој преку која во претходните две години се реализирани три проекти, за управување со отпад, за подобрување на комуналната инфраструктура и за доградба на улици и изградба на атмосверска канализација.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов истакна дека Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој прават  напори преку Програмата за рамномерен регионален развој финансиски да ги поддржат сите зрели проекти во општините. Само во 2023 година финансиравме 135 проекти за развој на планските региони, на селата и на специфичните подрачја.

-Тоа се навидум мали проекти, но имаат големо влијание на условите на живеење во локалните средини, истакна Пенов. Тој ги информираше градоначалниците дека Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој со поддршка на донаторската заедница имаат обезбедено фонд за подготовка на техничка документација за општински проекти преку кој помалите општини можат да подготват технички зрели проекти кои што ќе бидат конкурентни во процесот на селекција и обезбедување на извори за нивно финансирање. Преку овој фонд веќе се подготвени 70 проекти, од кои повеќето веќе се имплементираат, рече Пенов.