Законот за рамномерен регионален развој е донесен на 27јануари 2021 и неговата имплементација започнува веднаш. Целта е со подобрена правна и институционална рамка да се намалуваат развојните разлики, а во исто време да се подобруваат конкуренстките предности на планските региони.

Како надлежно министерство денеска сакаме да информираме за новите решенија во Законот за рамномерен регионален развој, зашто е важно Центрите за развој да бидат информирани и да го дадат својот придонес за да може да обезбедиме квалитетна имплементација на Законот. Ова е прилика да поразговараме за сите дилеми и да обезбедиме услови за реализација на проектите во општините и во планските региони, рече министерот Милевски.

Министерството за локална самоуправа со новиот Закон за рамномерен регионален развој  предвиде уште една Програма од која што ќе се финансираат проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во планските региони и со која што ќе се поттикнува конкурентноста на планските региони. Во рамките на оваа  Програма ќе се поддржуваат активности за изведба на градби за подобрување на пристапот до инфраструктура на ниво на плански региони и на локално ниво, како и подготовка на анализи, студии и проектна документација.

За реализација на средствата од оваа програма јавниот повик ќе го објавува Министерството за локална самоуправа, а покрај Центрите за развој на планските региони и општините, на овој повик ќе можат да аплицираат и јавните претпријатија и јавните установи основани од државата и од општините, како и високообразовните и научни институции и здруженија на граѓани.

Новина е и што со овој закон се воведува нова категорија- урбани подрачја. Урбани подрачја согласно овој закон се општините со седиште во град и градот Скопје.

Тоа значи дека покрај проектите за развој на планските региони, за развој на селата и за развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе се финансираат и проекти за развој на урбани подрачја за кои што ќе можат да аплицираат општините со седиште во град.

Овие општини за разлика од руралните имаа свои специфичности,  кои што  согласно и со ЕУ регулативата треба дополнително да бидат подржани.

Клучни институции во имплементацијата на Законот се Бирото за регионален развој, Центрите за развој на планските региони и општините. Центрите за развој на планските региони ги подготвуваат проектите за развој на планските региони и ги спроведуваат проектите кои што ќе бидат одобрени. Општините ги подготвуваат и спроведуваат проектите за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби. Бирото за регионален развој го врши надзорот над имплементацијата на проектите за кои што обезбедува и финансиска рамка.