Конференција Децентрализација:  „Ефективен механизам за граѓанско учество“ во Штип.

 

Милевски: Локалната самоуправа успешно функционира единствено со вклучување на граѓаните
 

 Министерството за локална самоуправа ја спроведува Програмата на Владата во делот на локалната самоуправа и рамномерниот регионален развој. И двете политики имаат огромно влијание на квалитетот на живеење на сите граѓани, рече министерот Горан Милевски на денешната годишната конференција „Децентрализација 2.0: Ефективни механизми за граѓанско учество во рамки на проектот „Ефективен механизам за граѓанско учество“ која се одржа во Штип во организација на Фондација за развој на локалната заедница со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

- Во текот на креирање на двата клучни документи, новата Стратегија за регионален развој која што е во Собраниска процедура и новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација која што влегува во Владина процедура, министерството организираше широк консултативен процес. Документите се подготвени со учество на претставници на сите релевантни институции и на граѓанскиот сектор, појасни тој.

Според Милевски и во новата Програма се поттикнува владината определба за продолжување на процесот на децентрализација, зајакнување на финансиската стабилност и самостојност на општините, пристап на сите граѓани до подобри јавни услуги, како и подобрување на транспарентноста и отчетноста на локално ниво.

- Сите овие заложби нема да може да се реализираат без активно вклучување на граѓаните во процесите на креирање на локалните политики и во одлучувањето. Од голема помош е и експертизата на граѓанскиот сектор, преку вакви проекти поддржани од донаторската заедница, конкретно од УСАИД. Граѓаните ги имаат своите претставници во Советите на општините, но потребно е да се обезбедат и механизми кои што ќе овозможат директно вклучување на граѓаните во креирањето на локалните услуги, при планирањето на буџетот на општината, во урбанистичкото планирање, во младинските политики и за сите други важни прашања. Локалната самоуправа како облик на управување во својата суштина постои само заради граѓаните и може успешно да функционира единствено со нивно директно вклучување, на институционален и на транспарентен начин, дополни Милевски.

За крај истакна дека со Законот за локална самоуправа се предвидени консултативни тела како што се комисиите за односи меѓу заедниците, советите на потрошувачи, но оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа што ја направи Министерството покажа дека тие не се доволно функционални. Сега, со новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација, во соработка со локалните власти и со граѓанскиот сектор имаме обврска да ги промениме работите и да создадеме одржливи механизми. Потребна е постојана соработка и синергија на јавниот сектор со граѓанскиот и со бизнис секторот.