Во организација на Министерството за локална самоуправа се одржа седмиот состанок на Секторската работна група за локален и регионален развој. На состанокот се презентираше статусот на подготовка на новиот Акциски план за спроведување на Програмата за локален развој и децентрализација, за периодот 2024-2026 година, механизмот за координација на политики меѓу надлежните институции и донатоорската заедница со фокус на дигитализацијата на локалните услуги, проектоот за зајакнување на капацитетите на општините за подготовка на техничка документација на проекти што се спроведува со подршка на шведската Влада и УНДП, како и статусот на спроведување на Програмата ЕУ за општините, финансирана од Европската Унија.

На состанокот беше потврден напредокот во спроведувањето на активностите за унапредување на процесот на децентрализација преку подобрување на административните и услугите кои што се условени од комуналната, патната и социјалната инфраструктура.

Во наредниот месец се очекува во новиот Акциски план да бидат адресирани сите приоритетни активности кои што во наредните три години ќе придонесат за подобрување на функционалноста на локалната самоуправа преку подобрување на нормативната рамка, зајакнување на финансиските капацитети на општините и подобрување на локалните услуги. За таа цел ќе биде спроведен широк консултативен процес со учество на сите засегнати страни.

Консултативните настани ќе се одржат на 25 и 27 декември во Скопје и се покануваат сите заинтересирани субјекти да го дадат својот придонес.