Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска во Тирана оствари работна средба со националниот ИПА координатор, директорот на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош на Република Албанија, Илир Беќај.

На состанокот беше истакната важноста од продолжување на добрата соработката меѓу земјите и институциите  во процесот на евроинтегрирање.

Министерот Пенов истакна дека Република Северна Македонија и Република Албанија истовремено ги отпочнаа преговорите за членство во Европската Унија и взаемната поддршка во овој процес е од важност и за двете земји.

- На состанокот се разговараше за продолжувањето на ИПА прекуграничната соработка во третиот програмски период до 2027 година, како и за начините за надминување на предизвиците за поефикасно управување со Програмата и со средствата кои што се ставени на располагање од Европската Унија. Исто така, беше изразено задоволство од реализацијата на расположливите средства од ЕУ во вториот програмски период од 94%, во кој се  финансирани 20 заеднички проекти во вкупна вредност од 10 милиони евра. За наредниот програмски период, за заеднички проекти од ИПА програмата на ЕУ за Северна Македонија  и за Албанија се планирани вкупно 13.8 милиони евра, од кои 11.9 милиони се од Европската Унија, а останатите се средства од националните буџети за кофинансирање на проектите.- истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

Средствата од ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка ќе можат да се реализираат преку јавни повици за проекти по потпишувањето на финансиската спогодба за користење на средствата од Европската Унија.