Министерството за локална самоуправа го започна процесот на подготовка на нов Акциски план за спроведување на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026, за наредните три години. Процесот на подготовка ги вклучува сите надлежни министерства и институции, како и општините.

На состанокот на Координативното тело за следење на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026, во кое членуваат претставници од министерствата и од ЗЕЛС беше презентиран процесот на подготовка на Акцискиот план, кој што предвидува одржување на четири консултативни форуми со учество на сите заинтересирани страни.

Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа ја истакна важноста од вклучување на сите надлежни институции, затоа што станува збор за документ кој што ќе гарантира спроведување на приоритетите и мерките од Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026, преку суштински и одржливи активности кои што ќе направат позитивни промени во функционирањето на локалната самоуправа и во испораката на услугите.

-Иако во областа на локалната самоуправа немаме обврски за усогласување на националното законодавство со ЕУ, децентрализацијата е важна одредница во процесот на интегрирање на државата во Европската Унија. Затоа е важно постојано да работиме на подобрување на функционалноста и на зајакнување на капацитетите на локално ниво за поуспешно спроведување на надлежностите, за подобрување на услугите, како и за потранспарентно и поотчетно управување со јавните финансии.

На состанокот беше презентиран и електронскиот систем за координација, кој што ќе го олесни начинот на прибирање на информации од сите вклучени страни и ќе го олесни процесот на следење на спроведувањето на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026.