Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, денеска потпишаа Меморандум за разбирање, со кој е потврдена соработката за спроведување на заеднички активности за подобрување на системот на локалната самоуправа за периодот 2023-2025 година.

На средбата беше истакнато дека соработката со Мисијата на ОБСЕ во областа на локалната самоуправа е важна заради зајакнување на институционалниот и на демократскиот капацитет за управување со процесите на локално ниво.

Исто така беше истакната посветеноста на институциите особено сега кога Република Северна Македонија претседава со ОБСЕ и кога се вложуваат максимални напори за продолжување на евроинтеграциските процеси. Со потпишувањето на Меморандумот, Министерството за локална самоуправа и Мисијата на ОБСЕ ќе спроведуваат заеднички активности за реализација на стратешките приоритети за стабилен, демократски, инклузивен и рамномерен развој, преку подобрување на функционалноста на локалната самоуправа во интерес и со учество на граѓаните.