11.11.2022

Денеска во Владата се потпишаа договорите за финансирање на 29 проекти во осумте плански региони, во вкупна вредност од 422 милиони денари. На чинот на потпишувањето беше истакнато дека Владата обезбедува континуирана финансиска поддршка за поттикнување на рамномерниот регионален развој на планските региони и на општините и се очекува доделените средства да бидат максимално одговорно реализирани. Политиката за рамномерен регионален развој е високо позиционирана меѓу приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, а нејзината цел е подобрување на благосостојбата на регионите, намалување на регионалните нерамномерности и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните преку остварување на рамномерен и одржлив развој на целата територија на државата.
Во присуство на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, договорите за финансирање на проектите ги потпишаа директорите на Центрите за развој на планските региони. Средствата за финансирање на проектите се обезбедени од Буџетот на државата, Програма за рамномерен регионален развој за 2022 година. Од овие 29 проекти во најразвиениот, Скопскиот плански регион, се финансираат 5 проекти во вкупна вредност од 30,4 милиони денари, Во Југоисточниот плански регион се финансираат 2 проекти, во вкупна вредност од 46,4 милиони денари, Во Источниот плански регион се финансираат 5 проекти, во вкупна вредност од 47,7 милиони денари, во Пелагонискиот плански регион се финансираат 5 проекти, во вкупна вредност од 50,2 милиони денари, во Полошкиот плански регион се финансираат 3 проекти, во вкупна вредност од 55,8 милиони денари, во Југозападниот плански регион се финансираат 3 проекти, во вкупна вредност од 56,2 милиони денари, во Вардарскиот плански регион се финансираат 4 проекти, во вкупна вредност од 62 милиони денари и во најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, се финансираат 2 проекти, но со најголема вредност од вкупно 73 милиони денари.