Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу денеска зборуваше на форумот „Родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, во организација UN Women, Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој

На настанот беше промовиран новиот проект за родово одговорно буџетирање, кој што го поддржува напредокот на државата во спроведување на националните и меѓународните заложби за родова еднаквост и зајакнување на жените кои се во согласност со Целите за одржлив развој и процесот на пристапување кон Европската унија.

-Министерството за локална самоуправа целосно ја поддржува заложбата за родово одговорно буџетирање и на локално ниво. Со транспарентно, инклузивно и одговорно управување со општините, локалните власти треба да обезбедат амбиент за поголемо вклучување на граѓаните, како и на соодветна претставеност на жените во процесите на донесување на одлуки, а ние ќе ги поддржиме во тој правец. Родово одговорното буџетирање е важен сегмент во процесот на демократизација на општеството, кој ќе зајакнува со се поголемото вклучување на жените во политиката и во општеството, како и со подигањето на јавната свест и зголемување на родовата сензитивност и кај жените и кај мажите, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Главна цел на проектот е да се подобри животот на жените, вклучувајќи ги најранливите групи преку системска и одржлива интеграција на родовата перспектива во сите фази на креирање на политики и буџетски процеси.

На локално ниво, интервенциите на проектот се фокусираат на политиките и буџетите за да се подобри животот на жените и мажите од најранливите групи преку користење на докажаните практики, идентификувани во претходните иницијативи за родово одговорно буџетирање. Проектот ги става луѓето на прво место преку изнаоѓање решенија базирани на потребите идентификувани од страна на самите корисници како чинители за промена.