Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и директорот на Бирото за регуионален развој Рамиз Реџепи  денеска имаа средба со градоначалникот на општина Кочани Николчо Илијев, со кого разговараа за актуелни проекти кои што ќе се имплементираат во општината со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој и Програмата за прекугранична соработка.

На состанокот се разговараше и за актуелните состојби во општината. Градоначалникот Илијев истакна дека општината до крајот на првото полугодие во целост ќе ги сервисира сите наследени долгови, а во меѓувреме, само за една година има направено заштеда од 150 илјади евра од трошоците за превоз на ученици.

-Општината има големи потенцијали за развој, особено за развој на бањскиот и на планинскиот туризам, за што очекуваме поголема поддршка и од централната власт. Приоритет во наредниот период ќе биде инфраструктурното уредување на централното градско подрачје, но и патната инфраструктура во руралните населени места, особено во ридско планинските. Соработката со Министерството е на едно високо ниво и заеднички работиме на реализација на повеќе проекти, рече градоначалникот Илијев. Тој истакна дека општината веќе има подготвено техничка документација за локалните патишта и програмата за изградба на локалната патна инфраструктура ќе биде реализирана во целост.

Министерот за локална самоуправа Фазлиу истакна дека со посетата на општините сака директно да се информира за нивното функционирање и за потребите на граѓаните.

– Во Кочани минатата година беше пуштен во употреба „Инфо-центарот“ на Пониква,  локалитет на кој општината настојува да изгради нов ски-лифт, проект што беше истакнат како потребен на оддржаниот Регионален форум во Источниот плански регион. Комисијата при Министерството приоритет ќе им даде на проектите со регионален предзнак.  Во фаза на евалуација е уште еден проект поднесен од општина Кочани, се однесува на изградба на локална патна инфраструктура, за кој што се чека конечно одобрување, соопшти министерот Фазлиу.

Преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, што ја имплементира Министерството за локална самоуправа, во Кочани ќе се реализира уште еден значаен проект, изградба на Мултикултурен центар, со целосна реконструкција и преуредување на објектот познат како старо кино, со што жителите на Кочани ќе добијат современ и мултифункционален објект за реализација на различни културни и други социјални содржини.