Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, во Софија, учествуваше на 4-тиот работен состанок на Асоцијацијата на локални и регионални власти на земјите од Централна и Источна Европа и од Кина (16+1).

На состанокот беа разменети информации и искуства за соработката на локално ниво, како и за работниот план на активности за наредната година со клучните аспекти на кои што ќе биде фокусирана соработката.

Министерот Фазлиу оствари и билатерални состаноци со претставници од земјите учесници на кои што се разговараше за отпочнување на билатерална и на регионална соработка и преку реализација на конкретни проекти меѓу одделни региони со планските региони во Република Македонија во областитите за кои што во процес на консултации и разговори, страните ќе констатираат потреба и заеднички интерес.

Асоцијацијата на регионални и локални власти од Кина и од земјите од Централна и Источна Европа, во рамките на Иницијативата 16+1, е формирана 2014 година, на првиот состанок во Прага, Република Чешка и во неа членуваат претставници од 15 региони од Кина и од 29 региони од земјите од Централна и Источна Европа.

Соработката во рамките на Иницијативата 16+1 е насочена во областите на инвестициите, транспортот, финансиите, науката, образованието и културата.