Со подршка на швајцарската Влада, денеска во Тетово министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија,  Сибил Сутер Техада и градоначалници од Полошкиот плански регион го најавија решавањето на долгогодишниот проблем со собирање и депонирање на цврстиот отпад во овој плански регион.

Од швајцарската Влада се обезбедени 7,9 милиони швајцарски франци, кои што ќе се реализираат во две фази. Првите две години ќе се работои на нова регулатива за управување со отпад во општините на Полошкиот плански регион, согласно европските стандарди како и подобрување на организацијата на регионалните и локалните системи за одлагање на отпадот. Во втората фаза, во наредните четири години се планира реализација на регионални инвестициски мерки и потребната институционална поддршка-регионална депонија и друга инфраструктура и опремување на јавните претпријатија.

-Министерството за локална самоуправа веќе започна со активности за решавање на ова прашање, со обезбедување на 400 000 евра за реконструкција на патот до регионалната депонија Русино. Започнуваме со трајно решавање на проблемот, согласно европски стандарди, со поддршка од швајцарската Влада, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу кој истакна дека граѓаните од Полошкиот плански регион кои што со години се соочуваат со еколошка катастрофа ќе добијат услуга која што ќе ги биде стандардизирана и ќе обезбеди чиста животна средина без закани по здравјето на луѓето.