Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески денеска во Свети Николе имаше работен состанок со градоначалникот Сашо Велковски, на кој се разговараше за потенцијалите за развој на општината и поддршката во реализацијата на развојните приоритети.

На состанокот беше истакнато дека во моментов општина Свети Николе реализира два проекти од Програмата за рамномерен регионален развој, финансирана од Буџетот на Министерството за локална самоуправа.

Едниот проект е наменет за подобрување на патната инфраструктура преку реконструкција на локалниот пат с. Ерџелија до клучката на с.Пеширово со регионалниот пат, во вредност од 5,5 милиони денари, а во рамкиот на вториот проект, за развој на селата, во вредност од 342 илјади денари, се реконструира електричната инсталација во ООУ Даме Груев во с. Ерџелија.

Заменик министерот Павлески истакна дека перспективата за развој на општината и на планскиот регион е во искористување на сопствените потенцијали со поддршка на државата, за што во буџетот за 2018 година само за рамномерен регионален развој средствата се дуплирани, со тенденција секоја наредна година тие да се зголемуваат.

Павлески ја истакна и можноста за реализација на проекти финансирани со средства од ИПА Програмата на Европската Унија.

-Со покривање на трошоциоте за кофинансирање во висина од 15 проценти, Владата и Министерството за локална самоуправа им даваат шанса на сите заинтересирани субјекти да аплицираат и да ги реализираат своите проекти. Ова е можност за општината да реализира некои од своите приоритети без да го оптовари својот буџет. Исто така, ова е можност за младите луѓе организирани во граѓанскиот сектор да и помогнат на општината, но и самите да се реализираат. Средствата од Европската Унија за прекугранична соработка се достапни за сите непрофитни субјекти и со нив до сега се реализираат значајни проекти во областа на енергетската ефикасност пред се во училиштата, заштита на човековата средина, заштита на културното наследство, поддршка на развојот и други проекти, скоро во сите општини, рече заменик министерот Павлески.

Градоначалникот Велковски истакна дека општина Свети Николе максимално ги користи сопствените ресурси за да го поттикне развојот на општината и да создаде поголеми перспективи за младите луѓе. Велковски истакна дека покрај проектите за рамномререн регионален развој и за развој на селата, во моментов Свети Николе, заедно со општините Велес и Прилеп  реализираат и проект финансиран од Европската Унија во вкупна вредност од 1 300 000 евра, заедно со партнерите од грчка страна.

-Станува збор за проектот Био реал со кој, во општина Свети Николе се реконструира прочистителната станица за отпадни води, рече градоначалникот Велковски кој што истакна дека општината работи на максимално искористување на средствата кои што ги има на располагање преку Програмата за прекугранична соработка на Република Македонија со Република Грција, финансирана со средства од Европската Унија.