Заедно со локалните власти работиме на  зајакнување на капацитетите и подобрување на финансиската стабилност на општините

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска се обрати на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, на кое се одбележа и Денот на општините и роденденот на ЗЕЛС.

-Денешниот ден е повод за одбележување на фактот дека веќе 46 години во Република Македонија успешно делува една од најзначајните организации, Заедницата на општините, единствена, ангажирана и подготвена да се соочи со предизвиците кои што не се ниту мали, ниту едноставни. Тие секогаш се резултат на големи системски реформи кои што имаат директно влијание на функционирањето на локалната самоуправа.         

Во присуство на претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, градоначалниците и претседатели на Совети, министерот Фазлиу  истакна дека партнерството на Владата и Министерството за локална самоуправа со Заедницата на единиците на локалната самоуправа резултирало со успешно спроведување на процесот на децентрализација на власта. Очекувам, рече Фазлиу дека ова партнерство ќе ги помогне и актуелните предизвици кои што произлегуваат од програмските определби на Владата за продолжување на децентрализацијата во областите во кои што граѓаните ќе можат да бидат поквалитетно и поефикасно сервисирани на локално ниво, со нивно вклучување во креирањето на локалните политики и донесувањето на одлуките.

- Во финална фаза на подготовка се измените на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација и новиот Акциски план за нејзино спроведување за периодот до 2020 година. Овој чекор, како и зголемената финансиска поддршка од страна на Владата за подобрување на услугите на општините што се финансираат со блок дотации, како и зголемениот обем на финансиски средства за рамномерен регионален развој, се позитивно оценети и во Извештајот на Европската Комисија. Ќе продолжиме заедно со општините и со ЗЕЛС да работиме на  зајакнување на капацитетите и подобрување на финансиската стабилност, рече министерот Фазлиу.