Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески оствари работни средби со градоначалниците на општините Пехчево и Македонска Каменица, Драган Тренчовски и Соња Стаменкова.

На средбите, заменик министерот Павлески со градоначалниците разговараше за финансирањето на општините и остварувањето на надлежностите, како и за поддршката на Министерството во имплементација на проекти финансирани од програмата за рамномерен регионален развој и ИПА Програмата за прекугранична соработка.

На состанокот со градоначалничката Стаменкова и заменикот министер Павлески се разговараше за интересот на општината за подготовка на проект  за изготвување на „Катастар на загрозени подрачја“. Станува збор за проект со кој ќе се изработи детална карта на загрозени ерозивни подрачја на територија на општина Македонска Каменица. Со овој проект ќе се обезбеди маркирање на ризичните подрачја, нивно времено санирање и студија за реалните и потенционални ризици од нив. Со оглед на големиот број на свлечишта кои постојат на територија од нашата општина и нивното интензивирање во последните години, беше заклучено дека потребата од ваков проект е еден од приоритетите на општина Македонска Каменица.

Градоначалникот на општина Пехчево, Тренчовски го информираше заменикот министер Павлески дека општина Пехчево  посебен акцент става на проектите за рамномерен регионален развој, но општината е фокусирана и кон искористување на средствата од ИПА програмата за прекугранична соработка со Бугарија.  Општина Пехчево со средства од Европската Унија го финализира проектот „Платформа за прекуграничен фестивалски туризам на полето на традициите и културата – Фолклор“, а со нов проект се планира да се обезбедат средства за реконструкција на речното корито на реката Писа во Пехчево.

Заменик министерот Павлески ја искажа подготвеноста на Министерството за локална самоуправа за поддршка на конкурентни проекти кои што ќе имаат влијание на развојот на општината и на планскиот регион. На состанокот беше истакнато дека општина Пехчево во моментов разработува неколку идеи за аплицирање на тековните и претстојните повици, со што се отворени нови можности за обезбедување на средства за реализација на повеќе проекти во општината.