Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и директорот на Мировниот корпус, Марк Ханафин, денеска во општина Теарце на средба со градоначалникот Исен Исени се запознаа со работата на волонтерите на Мировниот корпус кои што веќе една година престојуваат и работат во општината.

Министерот Фазлиу изрази задоволство од поканата на директорот на Мировниот корпус, г Марк Ханафин за  посета на двајцата волонтери на Мировниот корпус во општина Теарце, Андерсон и Шефер, како можност за директно запознавање со мисијата на Мировниот корпус и она што нивните волонтери го прават во Република Македонија.

- Ме воодушеви адаптираност на средината и блиските релации што волонтерите ги имаат создадено со локалното население. Запознавањето меѓу себе и на различни култури, традиција и начин на живеење е многу важно за взаемно разбирање и почитување. Ова е пример како може  различни култури толку брзо да се зближат и да соработуваат, а исто така за една година да ги научат и јазиците на локалното население, албанскиот и македонскиот. Ако сите пристапиме на ист начин во градењето на односите меѓу луѓето, без ограничувања и ако секој направи нешто корисно за локалната заедница, барем педесет насто од проблемите ќе бидат решени, рече министерот Фазлиу.

Градоначалникот Исени информираше дека двајцата волонтери се целосно интегрирани во локалната заедница и дека даваат исклучителна поддршка на локалното население во изучувањето на англискиот јазик, организирање на локални волонтерски активности, а и помагаат и на општината во подготвувањето на апликации за проекти. Двајцата волонтери се во тесна соработка и со локалната невладина организација.

Директорот на Мировниот корпус Ханафин истакна дека има многу позитивни примери на соработка меѓу волонтерите од Мировниот корпус и општините, како што се  Богданци, Кичево, Теарце, Новаци и други.

-Мировниот корпус има волонтери во 47 општини кои што одличнно соработуваат со месното население и со невладините организации и ние ќе настојуваме тој број да се прошири затоа што тие се одлично прифатени од месното население и од локалната заедница, рече директорот Ханафин.

Мировниот корпус е американска владина организација која што во Република Македонија е присутна од 1996 година со повеќе од 200 доброволци кои што престојувале во педесетина општини.