Во присуство на градоначалниците, Министерот за локална самоуправа г. Сухејл Фазлиу, заедно со шефот на Делегацијата на Европската Унија, г. Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон, денеска во Струга, го отвори дводневниот Форум “Децентрализизацијата повторно во фокус”. Форумот е организиран од страна на УНДП, во рамките на проектот “Подобрување на општинското управување”, финансиски подржан од страна на Европската Унија.

УНДП е близок партнер на општините и во контактите со новите градоначалници ми беа предочени два предизвика-финансиските средства и човечките ресурси, рече постојаната претставничка на УНДП, г-ѓа Луиза Винтон.

-Многу општини се соочуваат со долгови, а и тие кои што немаат стравуваат како ќе ги санираат потребите. Ова е добра можност за споделување на идеи и нови политики меѓу локалните и централната власт, рече Винтон.

-Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Самуел Жбогар истакна дека Конференцијата се случува во вистинско време, со новите локални власти, затоа што тие имаат клучна улога во спроведувањето на реформите на локално ниво.

-Европската Унија дава поддршка за ефикасни јавни услуги и за подобар квалитет на живеење на граѓаните. Градоначалниците треба да се посветат на стандардите на ЕУ за животна средина на локално ниво. Европската Унија дава значајна финансиска поддршка, а општините треба да ги обезбедат потребните документи за изградба на комунална инфраструктура и мониторинг, рече амбасадорот Жбогар, кој ги повика градоначалниците да бидат водени од професионалните квалитети на администрацијата без реваншизам.

Министерот Фазлиу го поздрави одржувањето на  Форумот, кој, како што рече, за Министерството за локална самоуправа и за новоизбраните претставници на локалната власт, симболично, претставува нов почеток на работа и соработка.

-Пред сите нас во наредниот период претстојат големи одговорности кои што произлегуваат од Програмските определби на Владата за реафирмирање на процесот на децентрализација и консолидирање на системот на локалната самоуправа. Врз основа на дефинираните приоритети, во соработка со другите надлежни министерства започнуваме со создавање на услови за финансиска стабилност на општините, преку правична, транспарентна и предвидлива распределба на средствата од централниот буџет. Исто така ќе работиме и на проширување на надлежностите на локално ниво, за кои што има реални услови за трансфер и за нивно поефикасно спроведување. Наместо ад-хок решенија ќе го подобруваме системот, во согласност со  принципите на децентрализација на власта и особено со принципот на субсидијарност- донесување на одлуки на нивото кое што е најблиско до граѓаните, на транспарентен и отчетен начин со нивно директно учество, рече министерот Фазлиу.

Фазлиу ја истакна важноста на политиката за рамномерен регионален развој во надминувањето на постојните развојни разлики меѓу планските региони и меѓу општините, како и важноста за општините во користењето на средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка и реализацијата на проекти во функција на локалниот развој.

Процесот на децентрализацијата на власта, рече министерот Фазлиу,  беше поттикнат со потпишувањето на Рамковниот договор. Од таму, е и еден од клучните политички критериуми за членство на Република Македонија во Европската Унија.  Длабоко сум убеден дека тоа е единствениот начин на функционирање на еден демократски систем кој што е свртен кон потребите на сите свои граѓани.

Во текот на утрешниот ден на Форумот ќе учествува и претседателот на Владата г. Зоран Заев, во рамките на сесијата Дијалог со премиерот.

Идејата на Форумот е да отвори дијалог меѓу централната и локалните власти во функција на подобрување на општинското управување.