Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска оствари средба со амбасадорот на Германија во Република Македонија, Томас Герберих.

На средбата се разговараше за актуелната состојба после локалните избори, како и за досегашната и можностите за идна соработка и поддршка на Министерството.

Германскиот амбасадор, Герберих, исходот од локалните избори го оцени како силно изразена поддршка на реформската политика на актуелната Влада, притоа истакнувајќи дека локалните избори покажале и напредок во меѓуетничките односи.

Амбасадорот Герберих изрази подготвеност за продолжување на досегашната соработка во областите за кои што Министерството ќе покаже интерес.

Министерот Фазлиу истакна дека Министерството за локална самоуправа како еден од најзначајните поддржувачи и донатори ја издвојува Германија, преку Германското друштво за меѓународна соработка/ГИЗ, со кое што бележи соработка повеќе од една деценија.

-Стратегијата за регионален развој и Законот за рамномерен регионален развој беа подготвени со техничка помош на ГИЗ, која што продолжи и во периодот на имплементација. Значајни се резултатите кои што се постигнати заедно во формирањето и зајакнувањето на капацитетите на Центрите за развој на планските региони. Во соработка со ГИЗ се подготвени Програмите за развој на планските региони и регионалните Стратегии за иновација.

Министерството, рече Фазлиу, врз основа на досегашнота долгогодишна соработка и остварените резултати е заинтересирано да го обнови партнерството и поддршката на начин како што ќе биде договорен меѓу двете страни.  

-Министерството за локална самоуправа е исклучително заинтересирано за продолжување на соработката, особено во областа на регионалниот развој, преку директна поддршка, како и за билатерална соработка заради зајакнување на капацитетите на Министерството и на Центрите за развој на планските региони. Секако интересна е и можноста за соработка на локално ниво, во различни области, пред се во правец на поттикнување на локалниот развој, рече министерот Фазлиу.