Државниот инспекторат за локална самоуправа одлучи со Решение да ги  запре од примена Одлуките на Советите на општините Кочани, Штип, Гевгелија, Неготино, Кавадарци, Велес, Битола, Прилеп, Радовиш, Аеродром, Гази Баба и Охрид, за распишување референдум на локално ниво и да поведе иницијатива пред Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста. По донесените одлуки, Државниот инспекторат за локална самоуправа ги очекува Службените гласници  и од општините Карпош и Ѓорче Петров, соопшти на прес конференција инспекторот во Државниот инспекторат, Рахим Муслиу.

Запирањето на примената на одлуките, рече Муслиу, уследи по направениот надзор од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа и констатацијата дека постојат неусогласености со Законот за локалната самоуправа и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Решенијата на Државниот инспекторат за локална самоуправа, согласно закон, ќе бидат објавени во Службен весник на Република Македонија и на ВЕБ страницата на Министерството за локална самоуправа.