Потпишан Меморандум со УНДП за имплементација на проект  "Пост КОВИД-општините како двигатели на одржливиот развој“


Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој денеска потпишаа Меморандум за соработка со УНДП за имплементација на проектот „Пост КОВИД-општините како двигатели на одржливиот развој“.


- Презедовме заедничка акција за поддршка на општините во обезбедување на витални услуги за граѓаните. Имплементираме дополнителни мерки за да ги намалиме последиците, но и да создадеме постковид амбиент во којшто општините ќе можат посилно да го придвижат локалниот развој. Здравствената криза која што трае една година и се уште е неизвесно до кога, е закана по здравјето на луѓето, одзема животи, но има и многу други разорни последици- безмилосно ги исцрпува ресурсите на државата, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.


Милевски посочи дека општините кои што се одговорни за испорака на најсуштинските услуги, оваа година беа изложени на дополнителни трошоци за да обезбедат услови за елементарна заштита и помош на граѓаните. Во исто време податоците покажуваат дека има и извесно намалување на приходите во општинските каси.


- Во истражувањето направено во соработка со УНДП е констатирано дека во вториот квартал на 2020 во однос на истиот период во 2019 година приходите се намалени во 26 општини, а расходите се зголемиле во 49 општини. Тоа зборува дека општините во коишто немало намалување на приходите, се воздржале од расходи. Главно станува збор за одложување на изградба на инфраструктурни објекти, што исто така се одразува на приходите на општината. Целта на овој проект е да им помогне на општините преку примена на најсоодветен модел на меѓуопштинска соработка во областите на заштитата на животната средина, транспортот, намалување на ризикот од катастрофи и други области, да обезбедат квалитетни услуги со значително намалени трошоци. Ги штедиме ресурсите, за со помалку да направиме повеќе, рече Милевски.


Министерот Милевски најави дека во брзо време ќе биде организиран јавен повик за општините за воспоставување на меѓуопштинска соработка во горенаведените области. Избраните општини ќе добијат финансиска поддршка за имплементација и воспоставување на моделот на меѓуопштинска соработка. На овој начин општините ќе бидат финансиски стимулирани но и експертски поддржани да воспостават модел на соработка со кој што, со најмалку средства ќе можат да обезбедат најквалитетна и најевтина услуга.

- Рамномерниот развој е основен принцип на Целите за одржлив развој и е исто така централен во глобалната понуда на УНДП за опоравување од КОВИД кризата. За да се погрижиме дека никој нема да биде изоставен, преку овој проект УНДП ја нуди својата целосна експертиза во креирањето на политики за обезбедување на рамномерен и инклузивен регионален развој, заснована на најдобрите пракси од земјата и светот. Ние веќе обезбедивме значителна поддршка за забрзувањето на дигитализацијата на локално ниво која ќе ја прошириме и со оваа нова иницијатива, изјави Нарине Сахакјан, Постојаната претставничка на УНДП во Република Северна Македонија.

 Една од главните активности во рамките на ова партнерство ќе биде јавен повик за финансирање на иновативни меѓуопштински проекти кои ќе адресираат конкретни проблеми на локалното население. Особен фокус ќе биде ставен на технолошки иновации во обезбедувањето на јавните услуги и зголемувањето на ефикасноста на меѓуопштинската соработка.

- Бирото како институција имплементатор на политиката за рамномерен регионален развој има дологодишно искуство во соработка со Центрите за развој на планските региони и општините преку финансиска поддршка на проекти и мониторирање на нивната реализација: регионални - наменети за планските региони и локални – кои се однесуваат на развој на селата и подрачјата со специфични развојни потреби односно општините. Оттука, сметаме дека познавањата и експертизата на УНДП од една страна и искуството и стручноста на Бирото од друга страна, одлично ќе се вклопат во успешно имплементирање на предвидените проектни активности за поттикнување на меѓуопштинската соработка и регионален развој со коишто ќе им помогнат на општините, особено после разорувачките последици од пандемијата со КОВИД-19 но истовремено ќе се поттикне и меѓуопшинската и регионалната соработка преку имплементација на развојни проекти, изјави Рамиз Реџепи, Директорот на Бирото за регионален развој. 

Целта на проектот е да овозможи регионалниот и локалниотразвој да бидат инклузивни, родово сензитивни, засновани на докази, и насочен кон задоволување на потребите на најмалку развиените општини чии заедници се најтешко погодени од КОВИД-19 пандемијата. За реализација на активностите предвидени со овој Договор, Владата на Република Северна Македонија ќе обезбеди 350 илјади долари, а идентично финансиско учество е обезбедено и од страна на УНДП.

Проектот „По КОВИД: Општините како двигател на одржливиот развој“ ќе се спроведува од ноември 2021 година до април 2022 година.