Скопје, 16 декември, 2021 – Во конкуренција на повеќе од 100 апликации, заложбата за потранспарентни општини во Северна Македонија ја освои третата награда на глобалниот Самит за Отворено владино партнерство кој од 15 до 17 декември се одржува во Сеул,  Република Кореја. Станува,  за влијание во подобрувањето на животот на луѓето и квалитетот на демократијата на европско ниво. Станува збор за група алатки кои беа креирани и ставени во функција во изминатите три години, а придонесоа за подобрување на фискалната транспарентност на локално ниво, овозможија следење во живо на седниците на 18 општини, како и директно вклучување на граѓаните во процесот на донесување на одлуки во 24 општини. Активностите беа спроведени во рамки на заложбата „Воспоставување нови алатки за подобрување на финансиската транспарентност и отчетност на единиците на локалната самоуправа“, чиј носител е Министерството за локална самоуправа.

 „Ова глобално признание е резултат на повеќегодишни напори и активности, кои ги спроведовме заедно со нашите партнери, во насока на поголема отвореност и транспарентност на општините, но и подиректна вклученост на граѓаните во процесите на одлучување. Во пракса, активностите придонесоа за брз и лесен пристап до податоците за реализација на општинските буџети, носење одлуки врз основа на релевантни и достапни податоци, како и реализација на проекти од јавен интерес предложени директно од граѓаните“, оценува министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.  

УНДП посветено работи на развивање на локалната демократија и надградување на капацитетите на општините, бидејќи веруваме дека токму тоа е клучен предуслов за одржлив развој и подобри услови за живот за сите граѓани. Ова признание е „ветер во грб“ да опстоиме на нашата  цел постоечките алатки да бидат прифатени од сите локални самоуправи во државата, но и да креираме нови иновативни решенија за поголема отвореност на општините кон граѓаните“, изјави Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.

Заложбата за транспарентни општини се спроведе во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, а чии главни имплементатори се Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Национален координатор на иницијативата Отворено владино партнерство, која се спроведува од 2011 година, е Министерството за информатичко општество и администрација.