Децентрализацијата и развојот на локалната демократија, главна тема на состанокот со известувачите на Советот на Европа за локална самоуправа 

 

Во рамките на својата мониторинг мисија на локалната самоуправа во Република Северна Македонија денеска

Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа одржа онлајн состанок со министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Главна тема на дискусијата беше процесот на децентрализација, финансиските капацитети и ресурси на општините, нивните развојни можности, влијанието на Ковид кризата на функционалноста на општините, на соработката на централната со локалните власти и со ЗЕЛС,  како и на меѓуопштинската соработка.

- Работната група за продолжување на процесот на децентрализација има за цел да ги заокружи работите пред локалните избори и новите градоначалници да го започнат својот мандат со проширени надлежности, но и со повеќе средства за финансирање на изворните надлежности од ДДВ, од персоналниот данок и други извори на приходи, но се ќе зависи од функционалноста на Собранието и развојот на Ковид кризата, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски. 

Тој истакна дека Владата по изборите во 2017 година изрази силна политичка поддршка за продолжување на процесот на децентрализација, а веќе од 2019 година работите почнаа и суштински да се менуваат со реализација на конкретни активности.

На состанокот, известувачите Харалд Бергман и Зденек Броз, како и претставничката на мониторинг комитетот, Свитлана Перевертен се интересираа за напредокот на земјата во реформата на локалната самоуправа од мониторинг мисијата на Конгресот на локални и регионални власти во 2012 година до сега. 

Милевски истакна дека сите важни проекти се донесени во консултација со ЗЕЛС, со општините но и со опозицијата, затоа што нив ги имплементираат градоначалници од различна политички опции, а најважно е општините да бидат функционални и да ги испорачуваат услугите кон граѓаните.

- Да не гасиме пожари, туку да ги превенираме, тоа е нашиот пристап во работењето и затоа  Владата по покривањето на 51% од долговите на општините во 2018 година инсистира на потранспарентно работење и пореално планирање на буџетите за да не се создаваат нови долгови.

Милевски истакна дека во 2020 и на почетокот на 2021 година, се усвоени и  донесени Законот за рамномерен регионален развој, Стратегијата за регионален развој 2021-2031, Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 година, сите  подготвени од Министерството за локална самоуправа, во широка консултација со другите институции, со ЗЕЛС, со граѓанскиот и со бизнис секторот.

 

-Важно ни е општините да можат да ги сервисираат потребите на граѓаните а не само на вработените. Се планира успешните општини, пред се тие што успешно ќе управуваат со своите приходи од локалните даноци и такси да бидат дополнително наградени од државата, како и систем за поддршка на помалите општини кои што немаат доволно сопствени извори за финансирање, рече Милевски.  

Исто така според него значајна поддршка во развојот на општините е прекуграничната соработка, финансирана со средства од ЕУ и кофинансирана од Буџетот на државата.

- Ковид кризата влијаеше и на функционалноста на општините, преку зголемување на трошоците за дезинфекција на јавните површини, за поддршка на граѓаните, намалена наплата на локалните даноци, такси и услуги пред се поради стравот на граѓаните од ширење на контакти. Во 27 општини е регистрирано опаѓање на приходите, а во 49 се намалени инвестициските активности што дополнително има влијание на развојот и на услугите, рече министерот Милевски, кој истакна дека во овие вонредни околности општините со конкретни мерки на намалување на некои локални такси ги подржале локалните бизниси и локалната заедница, а и централната власт наменски ја помогнала работата на јавните претпријатија со цел услугите да се извршуваат непречено и во периодот на здравствената криза.