Во организација на општина Велес, заменикот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески, учествуваше на трибината на која граѓаните, претставниците на приватните превозници, претставниците на такси компаниите, на авто школите, како и претставниците од јавните институции ги споделија своите идеи околу можните функционални сообраќајни решенија во градот.

На трибината учествуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

Заменик министерот Павлески истакна дека Велес е општина која што во процесот на децентрализација, во различни области покажала капацитет секогаш да биде меѓу најдобрите во совладувањето на новите предизвици. Во тој контекст и отворањето на темата за урбаната мобилност е пример како треба да се решаваат прашањата кои што најмногу ги засегаат граѓаните.

-Велес беше единствената општина која што во процесот на децентрализација влезе без долгови, една од првите која ги достигна ИСО стандардите за квалитет во работењето, сега се бараат паметни решенија за подобро функционирање и испорака на услугите на поефикасен и поекономичен начин. Во време на брзи промени, да се биде мобилен е од клучно значење за живеењето во градовите, како и за економскиот просперитет. Затоа перспективата е во паметни решенија за паметни градови каде што податоците во општината ќе се користат за да се подобрат услугите. Со анализа на податоците да се согледаат трендовите и потребите на населението, за да може градот да се прилагодува на потребите на своите граѓани, а не обратно, да се планира согласно потребите на граѓаните и заедно со граѓаните, рече заменикот министер Павлески.

Заменикот министер Павлески истакна дека урбанистичкото планирање, вклучувајќи ги и сообраќајните решенија, е еден од најважните аспекти за оддржлив социјален и економски развој на општината и затоа овие прашања секогаш треба да бидат консултирани со граѓаните и со другите субјекти кои што се најзасегнати и чии предлози можат да доведат до најсоодветни решенија.