Денеска ги потпишавме договорите за кофинансирање на 10 од вкупно 22 проекти во рамките на вториот јавен повик од Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Грција во вкупна вредност од 7,6 милиони евра, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Во вториот јавен повик проектите се однесуваат на три приоритетни области како што се развој на локалната економија, превенција и заштита од природни катастрофи и заштита на природното и на културното наследство.

- Најголемиот број од проектите се за поддршка на локалниот економски развој преку искористување на природните и на културните вредности во регионот. Преку искористување на сопствените предности во областа на туризмот, се отвораат нови работни места и се поддржуваат малите бизниси преку промоција и продажба на домашните производи. Првите 10 проекти ќе се имплементираат овде во Битола, во Неготино, во Конче, во Струмица, во Градско, во целиот пограничен регион. Министерството за локална самоуправа како координатор на ИПА Програмата за прекугранична соработка е ваш партнер преку обезбедувањето на неопходните 15 проценти што ги побарува Европската Унија, додаде министерот за локална самоуправа.

Милевски истакна дека како одговор на потребите на населението, има проекти кои што обезбедуваат превенција и заштита од природни катастрофи, пожари и поплави, развој на системите за брзо известување и намалување на ризиците.

Министерството за локална самоуправа целосно ја дигитализираше постапката за спроведување на Програмата за прекугранична соработка со Грција со што се обезбедува транспарентст и отчетност во трошењето на јавните средства како и поголема ефикасност што е во интерес и на Министерството и на корисниците на средствата.

- Најважно е проектите да бидат имплементирани на време, да се почитуваат процедурите на Европската Унија за да можат расположливите средства да се искористат во целост и да се реализираат на начин кој што ќе обезбеди нивна оддржливост. Секој проект треба да обезбеди бенефит за учесниците, но уште поважно е да има реално влијание на развојот на општината и на регионот преку отворање на нови можности за развој на малите локални бизниси кои што се поврзани меѓу себе и затоа имаат големо влијание како на вкупниот развој на локално, така и на национално ниво, рече Милевски.

Во вториот програмски период преку ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција се одобрени 62 проекти од кои повеќето, од првиот повик се веќе имплементирани.