Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски денес се обрати на Конференцијата по повод отпочнувањето на втората фаза на проектот на Агенцијата на САД за меѓународен развој - УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите во македонските општини „Нови партнери и подобро општинско буџетирање“.
Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии со поддршка на УСАИД работат на подобрување на општинските капацитети за зголемување на приходите од сопствени извори на финансирање, поголемо искористување на расположивите средства од надворешни извори на финансирање и поефикасно управување со јавните средства, преку зголемување на стапката на извршување на локалните буџети, поголема транспарентност, отчетност и контроли во финансиското управување.
На денешната конференција беа презентирани резултатите од првата фаза во која што беа вклучени 16 општини, како и активностите кои што ќе бидат спроведени во нови 24 општини, чии градоначалници денес потпишаа меморандуми за соработка со УСАИД. За втората фаза се предвидени 6,5 милиони долари со кои ќе бидат подобрени капацитетите на општините за собирање даноци, зголемување на приходите, подобро управување со финансиите.
- Дијалогот меѓу централната и локалната власт за поголеми извори на финансирање за општините е вечен и оваа Влада направи голем исчекор со зголемување на приходите на општините од ДДВ и од персоналниот данок. Децентрализацијата на власта значи и децентрализација на одговорностите. Затоа Министерството за локална самоуправа побара поддршка да се подобри транспарентноста на сите
општини и да се зајакнуваат капацитетите на општините за вклучување на граѓаните во одлучувањето. Локалните заедници се вистинското место каде што гласот на граѓаните треба да биде најсилен и да биде слушнат од локалните власти. Само така децентрализацијата ќе ја добие својата вистинска смисла, рече заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски.
На конференцијата присуствуваа и се обратија и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз и министерот за финансии Фатмир Бесими.