- Најважно е да се отвораат нови можности, младите образовани и амбициозни луѓе ќе знаат можноста да ја претворат во личен успех, а со тоа ќе придонесат и за развој на општеството и на државата, рече заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски на свеченоста по повод отворањето на ИТ центарот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, кој ќе служи како хаб за поврзување на студентите информатичари и компаниите од регионот, за вклучување на студентите на пазарот на трудот и за развивање на старт-ап компании.


ИТ Центарот кој во употреба го пуштија заменик министерот Димитровски, ректорот на битолскиот универзитет, Сашо Коруновски, проректорот Игор Неделковски и деканот на ФИКТ, Александар Маркоски, е реконструиран дел од зградата на факултетот на површина од 800 метри квадратни. Инвестицијата која во оваа фаза изнесува 113.000 евра е во рамките на проектот „Вработи млади“, финансиран од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија, Грција – РС Македонија (2014-2020). Министерството за локална самоуправа
учествува во финансирањето со 15 отсто од средствата.


- Членството во Европската Унија е врвен приоритет на Владата, а поддршката од ЕУ е континуирана во процесот на евроинтегрирањето. Наше е да покажеме дека имаме капацитет да ги апсорбираме средствата што ни се ставени на располагање од претпристапните фондови на Унијата, а тоа значи да имаме квалитетни и конкурентни проекти и отчетно и транспарентно да управуваме со средствата на Европската Унија, рече заменик министерот Димитровски и најави дека во моментов Министерството за локална самоуправа работи на програмирање на новиот програмски период ИПА 3, 2021-2027 година, повикувајќи ги надлежните од битолскиот универзитет да подготват нов проект за следниот јавен повик.


Ректорот на универзитетот Сашо Коруновски најави дека веќе од утре ќе се внесуваат соржини во новиот простор на ФИКТ, преку друг проект за старт-ап центрите и притоа истакна:


- Добро е дека нашите стручни кадри цело време размислуваат и преку овие фондови од ЕУ успеваат да привлечат внимание и средства. Овде сме за од утре да ги подигнеме кариерите на младите студенти и да им овозможиме нивните идеи да станат реалност. А ние сме тука како Универзитет да им помогнеме и тука да почнат бесплатно да ги развиваат своите идеи.