Како министер за локална самоуправа би сакал да изразам задоволство за денешното потпишување на Меморандум за соработка меѓу министерството и Фондот за иновации и технолошки развој. Оваа соработка има за цел да поттикне иновативни решенија кои ќе бидат од корист за општините а воедно ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните, рече министерот Пенов.
 
Тој истакна дека преку ова партнерство, во мај планираме да објавиме повик за предлози, преку кој ќе ги поканиме компаниите да дадат иновативни решенија за предизвиците со кои се соочуваат општините во земјава. Овие предлози насловени како „Предизвици“ ќе бидат фокусирани на теми кои се важни и клучни за нашите општини, со намера да се овозможат практични придобивки за граѓаните.
 
Ја потврдуваме посветеноста да овозможиме интересите на граѓаните да останат во првите редови на политиките и иницијативите кои Министерството за локална самоуправа сака да ги негува. 
 
Оваа соработка со Фондот за иновации и технолошки развој е само еден пример од нашите тековни напори за создавање поодржлива, поиновативна локална самоуправа фокусирана на граѓаните. Инаку, освен Владата очекуваме да бидеме поддржани и од странски донатори.