07.11.2022

 

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска имаше состанок со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Уулман. На состанокот се разговараше за спроведувањето на тековниот проект “Инклузивен и оддржлив рамномерен регионален развој” фаза 2, кој што го финансира швајцарската Влада во износ од четири милиони евра, а проектот е кофинансиран и од буџетот на Министерството за локална самоуправа во износ од два милиони евра.

На состанокот беше истакната долгогодишната соработка на Министерството за локална самоуправа со Швајцарската Агенција за развој и соработка и големата поддршка во креирањето и во спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој. Преку овој проект се обезбедува и директна финансиска поддршка на планските региони за финансирање на проекти кои што се приоритетни за граѓаните. Проектите подготвени од Центрите за развој на осумте плански региони се во фаза на оценување, а во зависност од подготвеноста на планските региони, има можност да бидат обезбедени и дополнителни стредства од швајцарската Влада за финансирање на нови проекти во сите осум плански региони.

На состанокот беше истакнато дека Министерството за локална самоуправа ја цени исклучителната поддршка на швајцарската Влада и очекува таа да продолжи во рамките на овој проект, но и преку финансирање на нови проекти важни за општините и за планските региони и пред се проекти кои што ќе бидат корисни за граѓаните.

 

                                                                                                                                   Министерство за локална самоуправа