Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо во рамки на Проект на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите објавува

Повик за

избор на еден експерт за обезбедување техничка помош за потребите на Министерството за локална самоуправа за подготовка на модели за трансформација на Бирото за регионален развој   

 

  1. Историјат на Проектот

Северна Македонија се стреми да биде просперитетно, независно и инклузивно демократско општество. Во тој контекст, Проектот на УСАИД за „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“ (во понатамошниот текст „Проект на УСАИД“) ќе им обезбеди помош на владините институции на Северна Македонија за иницирање и независно управување со неопходните промени во однос на административниот сегмент, фискалниот сегмент и политиките, предвидени со Акцискиот план на Проектот. Проектот на УСАИД е фокусиран на подобрување на финансиската дисциплина на локалната администрација по пат на зајакнување на капацитетот за буџетско планирање, извршување и известување, зголемување на сопствените извори на приходи и поголема искористеност на надворешните извори на финансирање на локалните самоуправи, како и понатамошно зајакнување на децентрализација.

Со цел поддршка на регионалниот и локалниот развој, Владата на Република Северна Македонија има донесено одлука да формира Агенција за регионален и локален развој, која би имала проширени надлежности од досегашните на Бирото за регионален развој, посебно во делот на обезбедување на дополнителни финансиски средства за финансирање на капитални инвестиции. Формирањето на Агенцијата се предвидува со трансформација на постојното Биро за регионален и локален развој.

Проектот на УСАИД ќе обезбеди поддршка во вид на подготовка на експертска анализа на постојниот систем на поддршка на локалниот и регионалниот развој во земјата и подготовка на генерални насоки и препораки за негово подобрување базирани на докази и успешно воспоставени меѓународни практики, а кои ќе му помогнат на Министерството за локална самоуправа во дефинирањето на најпогоден модел за трансформација на Бирото за регионален развој во Агенција за регионален и локален развој. Експертската поддршка ќе биде обезбедена во согласност со Работниот план на Проектот на УСАИД во рамките на цел 4: Зајакнување на процесот на децентрализација.

  1. Цел и делокруг на ангажманот

 Главна цел на оваа проектна задача е обезбедување поддршка на Министерството за локална самоуправа, поконкретно на Работната група за изготвување на законски решенија за формирање на Агенција за регионален и локален развој на Република Северна Македонија – идентификување и дефинирање на најпогодни модели на трансформацијата на Бирото за регионален развој во професионална, развојно ориентирана и политички независна институција со транспарентни и јасни правила за распределба на средствата, која ќе има капацитет и ресурси да обезбеди дополнителни средства за општините наменети за финансирање на локални и регионални капитални проекти.

 За да се остварат погоре наведените цели и резултати, експертот ќе ги извршува следните задачи:

  1. Запознавање со одлуките и заклучоците[1] на Владата и насоките кои произлегуваат од истите и средби со работната група и релевантните институции;
  2. Компаративна анализа и искуства од минимум 2 земји во кои функционира Агенција или некоја друга форма на институција, преку која се обезбедуваат средства за локален и регионален развој (изборот на земјите за компаративна анализа да биде согласно слична територијална организација – позиционирање на општините, институционална поставност, функционирање на национална Агенција и сл.);
  3. Анализа на моментална состојба и преглед на тековната правна рамка на регионалниот развој, финансирање на ЕЛС, критериуми и мерки за кредитирање на ЕЛС, исплатни системи, грантови и сл. ;
  4. Развивање на неколку можни сценарија/модели за формирање на Агенцијата во кои ќе бидат опфатени:
  • Предлог правни решенија за формирање и функционирање на институцијата
  • Надлежност, обем и вид на работни задачи на Агенцијата
  • Извори на финансирање на Агенцијата
  • Предлог за оперативна структура на Агенцијата (сектори, одделенија, минимум капацитети – човечки ресурси) и хоризонтално и вертикално позиционирање (поврзување со другите институции)

– При дефинирањето на модели фокусот треба да биде ставен на надградба на постојното Биро за регионален развој во смисла задржување на постојните надлежности и дополнување со нови надлежности кои ќе се однесуваат на кредитирање на општините, соработката со меѓународни финансиски институции, техничка поддршка на општините во подготовка, аплицирање и спроведување на локални и регионални проекти и сл.

– Во секое предложено сценарио односно модел да биде осигурена политичката независност на Агенцијата и да е предвидена нејзина акредитација во ЕУ фондовите (Агенцијата да може да аплицира со конкретни проекти со цел привлекување на дополнителни средства за реализација на поголеми проекти).

  1. Реализирани резултати

Експертот/-ката ќе ги реализира следните резултати и исходи:

  • Подготовка на Компаративна анализа на меѓународно искуство во обезбедување средства за локален и регионален развој (кредити, грантови, донации и сл.) и анализа на постојната состојба, законската регулатива и воспоставената практика во Република Северна Македонија со посебен осврт на кредитирањето на општините;
  • Подготовка на Студија со модалитети за трансформација на Бирото за регионален развој во Агенција за локален и регионален развој. Извештајот треба да понуди неколку сценарија/модели за трансформација на Бирото во Агенција земајќи ги во предвид предложените правни решенија и институционалната поставеност/одржливост, со истакнување на предностите и недостатоците на секој од предложените модели.
  • Презентација на Студија односно моделите пред Работната група.

Експертот/-ката ќе има обврска за известување кон тимот на Проектот на УСАИД, одговорен за Цел 4 и на истиот ќе ги доставува реализираните резултати онака како што се изготвуваат.

Извештаите се предмет на разгледување и прифаќање од страна на Проектот на УСАИД и Работната група. Експертот/-ката треба да биде на располагање да одговори на коментарите на Проектот на УСАИД и на Работната група се до конечното прифаќање на реализираните резултати. Извештаите треба да бидат задолжително изработени низ процес на консултација и соработка со клучните чинители.

Извештаите треба да бидат подготвени на македонски јазик во формат лесен и разбирлив за користење со најмногу 30 страници.

  1. Период на извршување на активностите

Ангажманот ќе се реализира во период од 2 месеца почнувајќи од 20 јуни 2022 година. Целокупниот експертски ангажман ќе опфаќа 20 работни денови:

Резултат 1: Компаративна анализа на  меѓународно искуство во обезбедување средства за локален и регионален развој и анализа на постојната состојба, законска регулатива и воспоставена практика во Република Северна Македонија со посебен осврт на кредитирањето на општините – 8 дена

Резултат 2: Студија со модалитети за трансформација на Бирото за регионален развој во  Агенција за локален и регионален развој – 11 дена

Резултат 3: Презентација на извештајот – 1 ден.

  1. Критериуми и квалификации

Академски квалификации:

  • Диплома за високо образование во соодветна област (економија, право, бизнис администрација, финансии, или друга релевантна област)

Професионално искуство:

  • Најмалку 10 години богато искуство во областа на ЕУ фондовите, финансирањето на регионален и локален развој, подготовка на стратегии, програми или физибилити студии за локален и регионален развој и сл.
  • Локално и регионално познавање и искуство во организациска поставеност и воспоставување на јавни институции кои имплементираат ЕУ средства.

Други критериуми

  • Докажана способност за работа со куси рокови и извршување на услугата во рамките на зададениот рок.
  • Одлични комуникациски вештини и вештини за пишување извештаи.

Интелектуална сопственост: Сите работи реализирани во рамките на оваа задача, вклучувајќи и креации, изуми, идеи, дизајни, материјали коишто се предмет на авторски права, трговски марки и друга технологија и права, се сметаат работи создадени за надомест. Експертот нема право да објавува кој било дел од реализираните резултати.

Предвидено е само одредени (поединечни) експерти да бидат подобни за аплицирање и со нив да биде склучен договор за извршување на активностите наведени во оваа проектна задача.

  1. Процедура за аплицирање

За да биде земен в предвид, заинтересираниот кандидат треба да ги достави следните документи на македонски или англиски јазик:

  • CV,
  • Мотивациско писмо,
  • Референтна листа на најмалку 3 слични ангажмани со контакт-податоци од најмалку две лица за препорака.

Некомплетните апликации нема да се земаат во предвид.

Документите се доставуваат по електронски пат на електронската пошта Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. најдоцна до 10.06.2022 година.