Центарот за развојни политики ИДЕАС ДеПо во рамки на Проект на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите објавува Повик за избор на експерт за обезбедување техничка помош за потребите на Министерството за локална самоуправа за подготовка на Кодекс за локална активна транспарентност како чекор кон подобро локално владеење

   

      1. Историјат на Проектот

 Северна Македонија се стреми да биде просперитетно, независно и инклузивно демократско општество. Во тој контекст, „Проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“ (во понатамошниот текст „Проект на УСАИД“) ќе им обезбеди помош на владините институции на Северна Македонија за иницирање и независно управување со неопходните промени во однос на административниот сегмент, фискалниот сегмент и политиките, предвидени со Акцискиот план на Проектот. Како дел од севкупната техничка поддршка за зајакнување на капацитетите, Проектот на УСАИД ќе работи на унапредување на локалното управување со јавните финансии преку подобрување на   финансиската дисциплина на локалната администрација, стратешко алоцирање на ресурсите, ефикасно извршување на локалните услуги притоа обезбедувајќи добро локално владеење и ефикасност на децентрализираните надлежности.

Преку само-оценка на првата група од 16 партнер општини, Проектот на УСАИД идентификува значителни разлики во капацитетите и напорите за добро владеење помеѓу општините, особено во областа на споделувањето на информации, транспарентноста, отчетноста и инклузиноста. Оваа ситуација беше потврдена и со анализата на двата индекси на транспарентност кои Проектот на УСАИД ги користи за потребите на своето работење (индексот на активна транспарентност и индексот на фискална транспарентност).

Проектот на УСАИД ќе го поддржи Министерството за локална самоуправа во спроведувањето на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација (2021-2026) со цел да се подобри системската регулатива за доброто локално управување со фокус на промовирањето на локалната транспарентност, пристапот до информации, инклузивноста и отчетноста (Мерка 1.1.2 од Акциониот план за спроведување на Програмата; 2021-2023). Посебен акцент ќе биде ставен на зајакнувањето на транспарентноста и отчетноста и намалувањето на корупцијата.

За таа цел, ќе биде ангажиран експертот којшто ќе обезбеди техничка поддршка на Министерството за локална самоуправа во воспоставувањето стандарди за активна  транспарентност на општините, во форма на кодекс или нацрт подзаконски акт, кој ќе биде воведен како задолжителен услов за сите ЕЛС преку измени и дополнувања на Законот за локалната самоуправа и ќе биде вграден во статутите на општините,  согласно Работниот план на проектот на УСАИД во рамките на:

Цел 4: Зајакнување на процесот на децентрализација

–           Активност 4.1.2: Поддршка на Министерството за локална самоуправа во имплементацијата на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација за период 2021-2026

      2. Цел и делокруг на ангажманот

Целта на оваа задача е да се поддржи Министерството за локална самоуправа во воспоставувањето стандардизиран модел за активна  транспарентност на општините. За да се постигне горенаведената цел и резултат, експертот ќе ги спроведе следните задачи:

  • Да ја разгледа постојната правна рамка и тековно воспоставените практики за објавување и споделување на информациите од страна на ЕЛС и да подготви сепофатна листа на информации коишто задолжително треба да бидат објавени на ВЕБ страницата на општината, согласно член 8 од Законот за локалната самоуправа и член 10 од Законот за слободен пристап до информации, земајќи ги предвид документите и информациите што ги создаваат општините врз основа на законските надлежности, како и информации коишто произлегуваат од нивните специфики. Подготвената листа да се валидизира  и да се усогласи со најмалку две партнер општини на Проектот на УСАИД кои имаат различни карактеристики. (3 дена)
  • Да развие кодекс на локална активна транспарентност кој треба да прерасне во подзаконски акт. Кодексот треба да предвиди дека општинската веб страница е основен извор за споделување на информации за работењето на органите на општината и за обезбедувањето на услугите кон граѓаните. Тој треба  да ги содржи информациите коишто треба да се објавуваат на општинската веб страница согласно закон, а се во доменот на работењето на локалната самоуправа, начинот на објавување (место, форма и динамика на објавување), календар на теми и форми на граѓанско учество, минимални стандарди за одржување на општинската веб страница итн. (4 дена)
  • Да спроведе еднодневна презентација на Кодексот на локална актива транспарентност, пред претставници на партнер општините на Проектот, министерствата, ЗЕЛС и НВО со цел споделување на идејата и дискусија и финализација на Кодексот согласно добиените препораки и забелешки од презентацијата. (1 ден)

 

      3. Реализирани резултати

Експертот ќе ги реализира следните резултати и исходи:

  • Развиен Кодекс на локална активна транспарентност

Кодексот треба да биде напишан на македонски јазик во формат лесен за користење со најмногу 30 страници. Консултантот треба да биде достапен за да одговори на првиот круг коментари и последниот круг барања за евентуална промена на форматот на извештајот.

  • Спроведена еднодневна презентација на Кодексот на локална транспарентност вклучувајќи агенда, презентација и извештај.

Експертот/-ката ќе има обврска за известување кон тимот на Проектот на УСАИД одговорен за Цел 4 и на истиот ќе му ги доставува реализираните резултати онака како што се изготвуваат.

      4. Период на извршување на активностите

Ангажманот ќе се реализира во период мај – јуни 2022 година. Целокупниот консултантски ангажман ќе опфаќа 8 работни денови:

      5. Критериуми и квалификации

Академски квалификации:

  • Диплома за високо образование во соодветна област (јавни комуникации, управување со јавни финансии, јавни политики, економија, право, новинарство или друга релевантна област). Докторски студии ќе се сметаат за предност.

Професионално искуство:

  • Најмалку 5 години искуство во комуникации, правна рамка од областа на локалната самоуправа, транспарентност и отчетност на јавните институции и слично;
  • Докажанo искуство во анализа на локалната самоуправа/децентрализацијата, локалната транспарентност и отчетност како и работа на развојни јавни комуникациски документи, стратегии или слични истражувања.

Други критериуми

  • Докажана способност за работа со куси рокови и извршување на услугата во рамките на зададениот рок.
  • Искуство во работа со меѓународни донатори на слични проекти.

 

Пријавите од државните/јавните службеници не се подобни.

Интелектуална сопственост: Сите работи реализирани во рамките на оваа задача, вклучувајќи и креации, изуми, идеи, дизајни, материјали коишто се предмет на авторски права, трговски марки и друга технологија и права, се сметаат работи создадени за надомест. Консултантот нема право да објавува кој било дел од реализираните резултати.

      6. Процедура за аплицирање

За да биде земен в предвид, заинтересираниот кандидат треба да ги достави следните документи на македонски јазик:

  • Мотивациско писмо,
  • Кратка биографија,
  • потврда на најмалку 3 слични ангажмани или контакт-податоци од најмалку две лица за препорака.

 

Некомплетните апликации нема да се земаат во предвид.

Документите се доставуваат по електронски пат на електронската пошта Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.  најдоцна до 15.05.2022 година.