Министерот Перински на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација на Унгарија, Tibor Navracsics, оствари работна посета насочена кон продлабочување на билатералната соработка и партнерството меѓу двете држави.
Посебно значење за министерството има размената на искуства за целосно искористување на програмите на ЕУ кои се на располагање и поддршката за вклучување на Македонија во нови програми.
Покрај работниот состанок, министерот присуствуваше и на отворање на изложба, на која се обрати министерот за култура и иновации на Унгарија, Balázs Hankó. Изложбата се одржа во Центарот за дигитални искуства (CODE), формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“, со мисија да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.