Територијална организација на лакалната самоуправа
Локалната самоуправа во Република Македонија територијално е организирана во 84 општини и градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа.
Последната територијална организација на локалната самоуправа е направена со Законот за територијална организација на локалната самоуправа во РМ, донесен на 11 август 2004 година.
Според бројот на жителите, најголема општина во Република Македонија е Куманово со 105 484 жители, а најмала Вранештица со 1 322 жители.
Според површината, најголема општина е Прилеп со 1 194 км2, а најмала општина е Чаир со 3,5 км2.
Градот Скопје
Во градот Скопје има 10 општини: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари.
Соред бројот на жители, најголема општина во градот Скопје е Гази Баба со 72 617 жители, а најмала е Шуто Оризари со 20 800 жители.
Според површината, најголема општина во градот Скопје е Сарај со 229 км2, а најмала е Чаир со 3,5 км2.
Хронологија
Од 1996 до 2004 година, локалната самоуправа во Република Македонија територијално е организирана во 123 општини и градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. Во градот Скопје има седум општини: Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари.
Од 1976 до 1996 година Република Македонија има 34 општини. Градот Скопје има статус на посебна општествено-политичка заедница со пет општини: Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во 1965 со Законот за подрачјата на општините во СР Македонија се укинати околиите, а бројот на општините се намалува на 32.
Во 1957 година има 7 околии и 73 општини.
Од 1949 до 1952 година се донесени шест закони за територијална организација.
Во 1952 година бројот на општините од 223 е намален на 86, а на околиите од 18 на 7.
Во 1945 година со Закон, Македонија територијално е организирана во 4 окрузи, 32 околии и 894 месни народни одбори.










