Заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, денес во Специјалниот завод - Демир Капија, учествуваше на тркалезна маса за процесот на деинституционализација во социјалниот сектор.

На форумот учествуваа и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, како организатор и надлежно министерство, градоначалници од регионот и експерти.

Во своето обраќање, заменик министерот Павлески потенцираше дека со процесот на децентрализација еден дел од услугите во социјалната сфера се пренесени на локално ниво. Во таа насока, деинституционализацијата може да биде продолжение на овој процес во кој корисниците на услугите ќе можат на најдобар начин да ја добијат услугата, пред се водејќи сметка за нивните индивидуални потреби. Уште поважен аспект е социјализацијата на лицата и нивно интегрирање во локалната заедница.

-,,Министерството за локална самоуправа и во овој процес ќе даде максимална поддршка преку соработката со надлежното министерство и пред сѐ со општините, затоа што на крајот она што треба сите заедно да го обезбедиме се подобри услови за живеење на сите граѓани" истакна Павлески.