Печати

Министерството за локална самоуправа со првата од седумте тематски работилници го отпочнува процесот на консултација за подготовка на новата Стратегија за регионален развој на државата за наредниот десетгодишен период.


- Согласно со Законот за рамномерен регионален развој, Стратегијата за регионален развој претставува долгорочен плански документ со кој се утврдуваат принципите, целите и приоритетите на регионалниот развој во Република Северна Македонија и се дефинираат мерките, инструментите и финансиските средства за нивна реализација. Стратегијата ја донесува Собранието на Република Северна Македонија на предлог на Владата, појасни министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Со поддршка на Швајцарската Агенција за развој и соработка во рамките на проектот “Инклузивен и оддржлив рамномерен регионален развој”, Министерството за локална самуправа направи евалуација на спроведувањето на актуелната Стратегија за регионален развој и врз основа на наодите и препораките до крајот на годината треба да биде усвоена новата стратегија.



- Податоците покажуваат дека во периодот од 2009 до 2019 година се реализирани вкупно 2.247 проекти во износ од вкупно 373.8 милиони евра, или 166.355 евра по проект, како просечна вредност, што не е доволно за економски развој. Владата во изминатиот мандат направи голем исчекор. Средствата во Програмата за рамномерен регионален развој за две години беа дуплирани. Од 3,5 милиони во 2017 година, на 7 милиони евра во 2019 година. Треба да се има предвид дека ова не се единствените средства кои се насочуваат во планските региони. Значителен удел имаат и другите ресорни министерства кои што реализираат значајни капитални проекти, рече Милевски.

Тој објасни дека во овој мандат ќе се води сметка при распределбата на средствата секогаш да се има предвид и степенот на развиеност на планските региони. Средствата за изградба на училишта, спортски сали, патишта, водоводи и други инфраструктурни објекти да се распределуваат врз основа на потребите на граѓаните и според степенот на развиеност на планските региони, како што тоа го прави Министерството за локална самуправа.



Според Милевски важно е да се создадат услови за поттикнување на конкурентските предности на секој плански регион, а во планирањето се вклучени и централната и локалните власти.

- Очекувам документот што го подготвивме да ги определи перспективите за рамномерен регионален развој на државата во наредните 10 години и ќе кореспондира со регионалната развојна политика на Европската Унија.
Со овој документ е потребно да создадеме основа за развивање на проекти кои што ќе бидат финансирани со средства од Буџетот, но во најголем дел со средства од фондовите на Унијата.